Електраната Запорожје е една од централните точки на руската инвазија на Украина. Москва и Киев досега неколку пати меѓусебно се обвинуваа за гранатирање на централата, ризикувајќи нуклеарна катастрофа
Главниот директор на украинската нуклеарна централа Запорожје, која е под руска окупација, е уапсен од руска патрола, објави државната компанија задолжена за електраната, Енергоатом.
Ихор Мурашов бил приведен на пат од најголемата европска нуклеарна централа до градот Енерходар. Инцидентот се случил вчера околу 16 часот.
„Тој беше извлечен од автомобилот и со врзани очи одведен во непознат правец“,
напиша Котин на „Телеграм“.
Но, Украинците засега немаат информации за судбината на Мурашов.
Украина ги повика руските трупи веднаш да престанат со „нуклеарниот тероризам“ против раководството и персоналот, а бараат Мурашов веднаш да биде ослободен.
„Мурашов ја сноси главната и ексклузивна одговорност за нуклеарната и радијационата безбедност на електраната и неговото приведување ја загрозува безбедноста на работата на украинската и најголемата нуклеарна централа во Европа“,
рече Котин.
Русија не потврди дека го заробила директорот на нуклеарката.
Електраната Запорожје е една од централните точки на руската инвазија на Украина. Москва и Киев досега неколку пати меѓусебно се обвинуваа за гранатирање на централата, ризикувајќи нуклеарна катастрофа. Украинските техничари продолжија да ја управуваат откако руските војници ја зазедоа електраната. Последниот реактор на централата беше затворен во септември поради тековното гранатирање во близина на објектот.
Регионот Запорожје кадешто се наоѓа истоимената централа е меѓу четирите украински региони кои вчера Русија ги анектираше. Претседателот на Русија, Владимир Путин вчера ги потпиша указите со кои областите Запорожје, Херсон, Доњецк и Луганск беа припоени кон Руската Федерација. Овој потег голем дел од меѓународната заедница го оцени како спротивен на меѓународното право и ескалација на конфликтот.