Ова денеска го посочија од Социјалдемократскиот сојуз откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, праша зошто Владата не го прифаќа неговиот план за справување со енергетската криза и дали, како што кажа, можеби во игра се тендери, бизнис-зделки или договори во четири очи
Коментирајќи ја поканата за телевизиски дуел што Мицкоски му ја понуди на премиерот, од СДСМ посочија дека не е време за дебатирање, туку за конструктивна работа во Собранието и прекин на блокадата од опозицијата
Предлозите на Мицкоски за енергетиката се само обичен сублимат на изјавите на претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски. Ова денеска го посочија од Социјалдемократскиот сојуз откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, праша зошто Владата не го прифаќа неговиот план за справување со енергетската криза и дали, како што кажа, можеби во игра се тендери, бизнис зделки или договори во четири очи.
Коментирајќи ја поканата за телевизиски дуел што Мицкоски му ја понуди на премиерот, од СДСМ посочија дека не е време за дебатирање туку за конструктивна работа во Собранието и прекин на блокадата од опозицијата.
„Потребна е работа, а за дебатирања има време. Наместо празни зборови, Христијан Мицкоски најавената конструктивност треба да ја покаже внатре во Собранието. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се откажат од блокадите и деструкциите, да бидат усвоени Законот за енергетика, Законот за нафта и нафтени деривати и уште над 50 други законски решенија“,
велат од СДСМ.
Во таа насока, од партијата заклучуваат оти државата и граѓаните имаат потреба од единство и заедничко дејствување во насока на справување со предизвиците од економската и енергетската криза.
Претходно денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го повика премиерот Ковачевски на телевизиски дуел, но ја повика и Владата да одговори зошто го одбива понудениот план за справување со енергетската криза.
Мицкоски вчера кажа дека ѝ нуди на Владата предлог за заштеда од 300 милиони евра за намалување на енергетската криза и трошоците за производство на струја и топлинска енергија. Таа заштеда, според него, може да се обезбеди преку набавка на мазут за електраната ТЕЦ „Неготино“ и тоа по цена која би била за 200 евра по тон пониска од таа која во моментов се набавува.
„ВМРО-ДПМНЕ обезбеди индицирани понуди за набавка на 200 000 тони за ТЕЦ ‘Неготино’ и 250 милиони кубни метри гас за гасната централа ТЕ-ТО, со кои значително ќе се ублажи енергетската криза во Македонија и ќе се заштедат најмалку 300 милиони евра“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека имаат контакти со компании од Германија, Швајцарија и Чешка, а кои можат од „Газпром“ да донесат количина на гас која што е доволна, односно некаде околу 250 милиони кубни метри гас кои се потребни за да работи ТЕ-ТО во наредните шест месеци, да ги замени количините на електрична енергија од ТЕЦ Неготино, доколку ги користи македонското стопанство, а како нуспроизвод од тој процес е топлината која ќе ги задоволи половина од потребите на институциите и домовите во Скопје за централно затоплување.
Другата половина, додаде тој, се обезбедува преку топланите кои се сопственост на БЕГ.