Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, не верува дека Владата можела да направи нешто повеќе во справувањето со енергетската криза. Во гостувањето во емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма, Битиќи рече дека за субвенционираната цена на струјата за домаќинставата и малите потрошувачи Владата инвестирала 240 милиони евра.
Објаснувајќи дека еден од параметрите за одредување на чинењето на струјата е цената по која Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и ја продава на ЕВН Хоум, вицепремиерот за економски прашања повтори дека ЕСМ е задолжена наместо 60%, како што предвидува регулативата, да обезбеди 100 отсто од струјата за регулираниот пазар.

„Ние донесовме одлука како Влада 100 проценти од потребната електрична енергија за регулираниот пазар да биде обезбедена од ЕСМ. А таму се сите домаќинства – 653 илјади според пописот и 70 илјади други субјекти“,
рече Битиќи.
Според вицепремиерот, јагленот што се обидува да го обезбеди Владата е за да нема дисторзии во производството на струја.
„Ако можеме да донесеме јаглен што ќе биде по цена пониска од берзанската, подготвени сме да го направиме тоа и да обезбедиме пониска цена електричната енерггија. Затоа бараме продолжување на кризната состојба – за да обезбедиме доволна флексибилност и механизми за справување со кризата“,
порача Фатмир Битиќи во „Вин-вин“.
За препораките за штедење, рече дека целта е да се заштеди струја што би била дадена на стопанството.
„За нас е многу важно стопанството да биде поконкурентно поради енергенсите што ги користат. Но, за жал, се е поврзано – ако одлуката не била донесена пред петнаесет години, денеска ќе ги лечите последиците. Ако нашите одлуки денес не се добри, после пет години ќе ги видиме негативните последици од неисправната одлука“,
вели вицепремиерот.