Од компанијата денеска преку соопштение информираа дека на 18 август до неа пристигнало барање од „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) да достават понуда за продажба на имотот. Од „Адора инженеринг“ одговориле дека, во најдобар интерес на дејноста и граѓаните, се согласни со ова барање и оти се спремни доколку ги наплатат побарувањата од изминатиот период, кој, како што велат, законски им следува, да го продадат имотот по истата цена по која го купиле
Пред една година, кога „Адора инженеринг“ соопшти дека ги купила топланите „Исток“ и „Запад“ од „Топлификација АД“ во стечај, раководството на компанијата излезе со амбициозни планови и најави „успешна домашна приказна во бизнисот со топлинска енергија“
Компанијата „Адора Инженеринг“ сака да ги продаде по иста цена по која пред нешто повеќе од една година ги купи топланите „Исток“ и „Запад“.
Од компанијата денеска преку соопштение информираа дека на 18 август до неа пристигнало барање од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) да достават понуда за продажба на имотот.
„Во најдобар интерес на дејноста и граѓаните, ‘Адора инженеринг’ одговори дека е согласна со ова барање и сме спремни доколку ги наплатиме побарувањата од изминатиот период кој што законски ни следуваат, да го продадеме имотот по истата цена по која што го купивме“,
се наведува во соопштението.
„Адора инженеринг“ на 1 септември минатата година на јавна лицитација за сума од 9,26 милиони евра со вклучени даноци ги купи топланите „Исток“ и „Запад“, кои претставуваат основни средства за регулираното производство на топлинска енергија во градот Скопје, кои беа во стечајна постапка.
„Меѓутоа, од тогаш до денес, ‘Адора инженеринг’ нема добиено ниту владение врз купениот имот од страна на ‘Топлификација’ АД во стечај и БЕГ, ниту апсолутно никаков надомест за користење на имотот од страна на БЕГ, поради што се нанесува огромна штета врз работењето на ‘Адора инженеринг’. БЕГ одби регулирање на меѓусебните односи за користење на топланите, односно ги користи топланите бесправно. Оваа проблематика не беше, а можеше да биде регулирана преку деловно-техничката соработка помеѓу ЕСМ и БЕГ која беше направена во јануари оваа година. Дополнително, топланите во изминатите неколку години се драстично обезвреднети поради фактот што износот за амортизација на опремата кој е определен и контролиран од РКЕ, и граѓаните го плаќаат со цел одржување на топланите во добра кондиција, речиси целосно не бил вложуван во изминатите неколку години, што нанесува директна штета, пред сè на квалитетот на дејноста и економската исплатливост во истата“,
велат од „Адора инженеринг“.
Од компанијата додаваат дека веруваат оти ќе најдат заедничко прифатливо решение со ЕСМ.
„За `Адора инженеринг` е потребно регулирање на досегашните долгови настанати во изминатата година по основ на принос на капитал и невложена амортизација со цел да пристапиме кон регулирање на идните односи“,
велат оттаму.
Пред една година, кога „Адора инженеринг“ соопшти дека ги купила топланите „Исток“ и „Запад“ од „Топлификација АД“ во стечај, раководството на компанијата излезе со амбициозни планови и најави „успешна домашна приказна во бизнисот со топлинска енергија“.
Како што соопштија тогаш од компанијата, со оваа купопродажба успешно заврши стечајната постапка и се отвора ново поглавје во регулираниот бизнис со производство на топлинска енергија.
Според тогашната изјава на заменик-генералниот директор и одговорен за деловниот развој Душко Чифлиганец, компанијата се одлучила на ваков чекор по повеќегодишни длабоки опсервации и согледувања на условите во регулираниот бизнис со производство на топлинска енергија, како и врз основа на физибилити студија што ја изготвиле врвни домашни експерти од областа на енергетиката.
„Веруваме дека од досегашниот загубар ’Топлификација‘ АД, ќе изградиме успешна домашна приказна во бизнисот со топлинската енергија. Овој бизнис аспект ќе функционира како посебен правен ентитет под името ’Адора енерџи солушн‘, а менаџментот и раководството ќе биде целосно составено од домашни човечки ресурси“,
истакна тогаш Чифлиганец.
Шест месеци подоцна од компанијата стигнаа првите реакции дека работите не се одвиваат според плановите.
Од компанијата на 10 јануари излегоа со соопштение во кое слично како и денеска посочија дека иако во септември 2021 ги купиле топланите „Исток“ и „Запад“ од „Топлификација“ и основните средства за производство на топлинска енергија, сè уште немаат воспоставено никаков партнерски однос со БЕГ. Дека не им се предадени основните средства за производство на топлинска енергија и со нив управува БЕГ, а за расчистување на односите бараат и правна заштита од државата.
Инаку, во пресрет на новата грејна сезона, која ќе биде исполнета со многу предизвици поради енергетската криза, единствено што засега е сигурно е дека БЕГ нема да ги грее скопјани, откако во јуни годинава Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ѝ ги одзеде лиценците.
Компании на државата „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) се единствените кои доставија понуди на трите јавни повици на Владата за избор на вршители на дејностите: производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија.
Со овие јавни повици треба да се избере кој ќе го преземе работењето на компанијата БЕГ.
Откако ќе биде извршена евалуацијата на пристигнатите понуди, Комисијата што ги отвори понудите ќе достави предлог до Владата за прифаќање или не, за што ќе се расправа на една од наредните владини седници.