„Портпаролската функција за овие избори ми е ставена на пауза. Не дека нема да имаме став, ќе имаме став. Не ми е местото сега јас да го коментирам ова, затоа што имаме една голема обврска пред нас, а тоа е вториот круг за Град Скопје“, рече тој
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, вечерва во гостување во Дневникот на ТВ Сител не одговори дали неговата партија во вториот круг од локалните избори во Општина Кичево, ќе даде поддршка на актуелниот градоначалник Фатмир Дехари од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ или на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски.

На ова прашање, Мециновиќ избегна да даде конкретен одговор, посочувајќи дека партијата на оваа тема секако ќе заземе став.
„Портпаролската функција за овие избори ми е ставена на пауза. Не дека нема да имаме став, ќе имаме став. Не ми е местото сега јас да го коментирам ова, затоа што имаме една голема обврска пред нас, а тоа е вториот круг за Град Скопје“,
рече тој.
Левица за време на кампањата жестоко го критикуваше ВМРО-ДПМНЕ дека во повеќе општини, како Тетово, Гостивар и Струга нема сопствени кандидати, со што индиректно ја поддржува коалицијата ВЛЕН.
Јована Мојсоска, пратеничка од Левица и генерален секретар на партијата, денеска рече дека ВЛЕН и Демократската унија за интеграција (ДУИ) отворено соработуваат во три општини, како Чашка, Брвеница и Кичево, веројатно како „благодарност“ што ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски ги оставија без свои кандидати за градоначалници општините Гостивар, Тетово и Струга.
Од владејачката коалиција ВЛЕН вчера порачаа дека граѓаните на Кичево мора сами да пресудат во врска со вториот изборен круг во тој град, каде финалната трка за градоначалничката функција ќе ја водат кандидатот на нивниот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски, и Фатмир Дехари кој е кандидат на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ предводена од ДУИ.
Владејачката коалиција директно не повика да се поддржи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево, како што тоа го направи за неколкумина други кандидати од коалициските партнери кои ќе одат во вториот круг.
