Воведувањето на осмиот пакет санкции кон Русија, чија најава доаѓа по наредбата на Путин за воена мобилизација, ќе биде насочен кон порелевантните сектори на руската економија и поединците што се одговорни за војната за агресија во Украина, најави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел
Во меѓувреме и шефовите на дипломатиите на Групата седум индустриски најразвиени земји во светот (Г7) ветија нови санкции против Русија додавајќи дека треба да се воведат нови насочени санкции и да се одржи континуиран економски и политички притисок врз земјата
Европската Унија ќе воведе осми по ред пакет санкции кон Русија откако рускиот претседател Владимир Путин нареди воена мобилизација на околу 300 илјади Руси за војната во Украина.
Ова го најави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел по синоќешниот вонреден состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ на кој било одлучено што е можно поскоро да бидат воведени дополнителни рестриктивни мерки против Русија. Осмиот пакет санкции, како што додаде Борел, ќе биде насочен кон порелевантните сектори на руската економија и поединците што се одговорни за војната за агресија во Украина.
„Истовремено ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите на Украина преку обезбедување воена опрема“,
стои во објавата на Борел на Твитер.
I convened this evening an ad-hoc meeting of EU Foreign Ministers
— Josep Borrell Fontelles (@JosepBorrellF) September 22, 2022
We decided to bring forward as soon as possible additional restrictive measures against Russia in coordination with partners
We will continue to support #Ukraine’s efforts through provision of military equipment pic.twitter.com/4jTNuXAh3s
Министрите на ЕУ следниот состанок ќе го одржат во средината на октомври, кога се очекува да биде официјализиран пакетот санкции.
Во меѓувреме и шефовите на дипломатиите на Групата седум индустриски најразвиени земји во светот (Г7) ветија нови санкции против Русија по најавата на Москва за делумна мобилизација. Тие изјавија дека треба да се воведат нови насочени санкции и да се одржи континуиран економски и политички притисок врз Русија.
Министрите кои се сретнаа во Њујорк на маргините на Генералното собрание на ОН ги оценија како „фиктивни“ референдумите за приклучување кон Русија во четири области во Украина.
„Тоа гласање не може да биде слободно или фер додека се присутни руските сили“,
се вели во соопштението на министрите на Германија, Канада, САД, Франција, Италија, Јапонија и Велика Британија.
Тие ја повикаа Русија да и ја врати контролата на Украина над нуклеарната централа во Запорожје, погодена со бомбардирање во последните недели, за што Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера најави делумна мобилизација во Руската Федерација. Указот за делумна мобилизација е потпишан, а парламентот ќе биде информиран за мерките потребни за нејзино спроведување.
Во обраќањето што го пренесе Првата руска телевизија, Путин изјави дека делумната мобилизација се однесува на резервисти со искуство кои ќе поминат претходна воена обука.