Европската комисија смета дека рускиот претседател не е заинтересиран за мир, туку за ескалација на воената агресија, откако тој денеска најави делумна воена мобилизација за војната во Украина, која ќе опфати до 300 000 резервисти
Путин не е заинтересиран за мир. Тој е заинтересиран само за ескалација на агресијата. Ваква е реакцијата на Европската комисија откако лидерот на Руската Федерација, Владимир Путин, најави делумна мобилизација од 300 илјади војници во земјата, прва по Втората светска војна.
Европската комисија смета дека рускиот претседател не е заинтересиран за мир, откако тој денеска најави делумна воена мобилизација за војната во Украина, која ќе опфати до 300 000 резервисти.
Ова, според Европската Унија е знак оти Путин сака ескалација на војната.
„Говорот на Путин и неговите најави за делумна мобилизација е уште еден доказ дека Путин не е заинтересиран за мир, туку за ескалација на војната на агресија. Делумната мобилизација и референдумите се уште еден знак за неговиот очај од тоа како оди агресијата врз Украина“,
изјави Петер Стано, портпарол на Европската комисија за надворешни работи.
Putin is not interested in peace.
— European Commission ?? (@EU_Commission) September 21, 2022
Putin is only interested in escalating the aggression.
The partial mobilisation and the referenda is another sign of his desperation at how the aggression against Ukraine is going.
— Spokesperson @ExtSpoxEU #StandWithUkraine pic.twitter.com/wGVT1HgfQU
Најавите за одржување на референдум во Донбас, според Европската комисија, покажуваат дека Путин сака да ја продолжи деструктивната војна која што има негативни последици не само за Украина, туку и за сите земји во светот поради кризата со храната и енергијата.
„Тој не сака решение, тој сака да ја продлабочи кризата и да ја продолжи војната“,
рече Стано додавајќи дека војната во Украина има последици и за самото руско население.
Одговарајќи на прашање дали Европската Унија е во војна со Русија, портпаролот го отфрли ова обвинување, и рече дека ЕУ ја поддржува Украина и нејзиниот народ кој не само што се бори за својот територијален интегритет и суверенитет, туку и за принципите на меѓународната заедница и на ЕУ.
„Ја поддржуваме Украина стопроцентно“,
рече Стано.
Земјите членки на ЕУ, разговараа за тоа како да одговорат на најновите случувања во руската војна во Украина, продолжи тој, предупредувајќи ја Москва дека ќе има „последици од наша страна“.
Претходно денеска, рускиот претседател Владимир Путин објави делумна мобилизација во Русија во која ќе бидат вклучени 300 000 луѓе.
Руската воена мобилизација, според официјален Киев, е предвидлив чекор што покажува дека војната не оди според планот на Москва.
„Апсолутно предвидлив потег, кој повеќе личи на обид да се оправда сопствениот неуспех. Војната очигледно не оди според сценариото на Русија и затоа Путин се решава да донесе крајно непопуларни одлуки за мобилизирање и строго ограничување на правата на луѓето“,
изјави советникот на украинскиот претседател Зеленски, Михајло Подољак, давајќи ја првата реакција на претседателскиот кабинет на Украина.