Путин ѝ се обрати на нацијата еден ден откако проруските сепаратисти најавија референдуми за приклучување на четирите окупирани украински региони кон Русија кон крајот на оваа недела – Луганск, Донецк, Херсон и делови од Запорожје
Рускиот претседател Владимир Путин најави делумна мобилизација во Руската Федерација, јавуваат агенциите. Указот за делумна мобилизација е потпишан, а парламентот ќе биде информиран за мерките потребни за нејзино спроведување.
Тој објасни дека Министерството за одбрана препорача да се активираат воените резервисти бидејќи земјата се соочува со продолжен конфликт во Украина и Донбас. Путин рече дека Русија има помодерно оружје од она на НАТО и дека доколку постои закана за територијалниот интегритет на Русија ќе бидат искористени сите средства.
„Тоа не е блеф“,
истакна тој во обраќањето до јавноста кое вчера беше повеќепати одложувано.
BREAKING: Putin declares partial mobilization, the decree has been signed.
— Ragıp Soylu (@ragipsoylu) September 21, 2022
“Only citizens who are currently in the reserve and, above all, those who served in the Armed Forces, have certain military specialties and relevant experience, will be subject to conscription.“ pic.twitter.com/97TrW0EvWV
Тој, исто така, рече дека „Западот ја поминал секоја граница“, и дека неодговорните политичари зборуваат за испорака на офанзивно оружје за Украина.
„Русија, како и досега, ќе ги спречи сите оние што се стремат да владеат со светот, се закануваат со распаѓање и ропство на државата. Западот започна со нуклеарна уцена, употреба на оружје за масовно уништување против Русија“,
изјави рускиот претседател, пренесува „Спутник“.
Тој рече и дека главните цели на операцијата во Украина остануваат непроменети, дека луганската народна република е целосно ослободена, а донецката народна република делумно.
Според него, станува збор за заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на Русија и поддршка на сонародниците сами да ја одредат својата иднина.
„Специјалната операција беше неопходна за борба против нацизмот во Украина“,
рече Путин.
Тој оцени и дека западните земји го охрабруваат Киев да ги префрли борбените операции на територијата на Русија.
Во обраќањето што го пренесе Првата руска телевизија, Путин изјави дека делумната мобилизација се однесува на резервисти со искуство кои ќе поминат претходна воена обука.
Тој рече дека веќе го потпишал указот за делумна мобилизација што ќе започне денеска.
Путин ѝ се обрати на нацијата еден ден откако проруските сепаратисти најавија референдуми за приклучување на четирите окупирани украински региони кон Русија кон крајот на оваа недела – Луганск, Донецк, Херсон и делови од Запорожје.