Претседателот вели дека го споделува мислењето на многу експерти дека токму кризата е и можност да се свртиме кон обновливите извори на енергија и во соработка со институциите и, секако, граѓанскиот сектор, да се изнајдат прифатливи решенија
Во годините што следуваат нужно е максимално сериозно да се посветиме на зелената агенда и да ги постигнеме сите зацртани цели за чиста средина, здрави граѓани, енергетска и економска стабилност и одржливост, заштитена природа и див свет , како и циркуларна наместо сега доминантната линеарна економија, порача Претседателот во своето обраќање на одбележувањето на 20-годишнината на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“.

„Екосвест“, како што информираат од кабинетот на Пендаровски, е водечка организација во државата, која 20 години успешно постои и предводи политики за одржлив развој, зелена трансформација на општеството, заштита на животна средина и здравјето на луѓето.
Претседателот Пендаровски во своето обраќање ја истакна својата поддршка на граѓанските организации, како и за интересот и грижата за животната средина, како едно од најзначајните прашања на денешнината. Тој повика на единство и заедничка работа за решавање на овие круцијални прашања од кој зависи нашиот опстанок како држава и општество.
„За жал, со енергетската криза која се продлабочува и несомнено ќе предизвика и веќе предизвикува економски турбуленции, но и можна политичка дестабилизација низ целиот свет, особено ќе биде погодена и зелената агенда. Затоа што е очекувано да се зголеми емисијата на ЦО2 со реактивирање на капацитетите кои користат фосилни горива“,
рече Пендаровски.
Во овој контекст, додава Пендаровски, треба да бидеме особено внимателни и претпазливи затоа што, освен заштита на стандардот на граѓаните и ублажување на шоковите во стопанството, мора да се работи и на изнаоѓање на одржливи решенија за заштита на животната средина.
„Јас го споделувам мислењето на многу експерти дека токму кризата е и можност да се свртиме кон обновливите извори на енергија и во соработка со институциите и, секако, граѓанскиот сектор, да изнајдеме прифатливи решенија“,
нагласи Пендаровски.
Претседателот вели дека покрај енергетската, економската и сè уште присутната здравствена криза, ние, а и целото човештво, се соочуваме со климатска криза чии последици ќе бидат апокалиптични доколку не се преземат навремени и обмислени акции.
„За таа цел се потребни координирани активности на локалната и централната власт и, се разбира, тесна соработка на меѓународно ниво, заради ублажување на последиците од климатските промени“,
додаде тој.
На свеченоста, за долгогодишна посветеност и работа во унапредувањето на животната средина, природата, одржливиот развој, јавното здравје и објективното информирање на јавноста, „Екосвест“ со посебни благодарници ги награди академик Владо Матевски, проф. д-р Трајче Стафилов, д-р Диме Меловски, проф. д-р Сашка Петрова, проф. д-р Драган Ѓорѓев и Ана Петрушева.
