Доколку одлуката добие зелено светло од Џафери, според Деловникот, претседателот на Собранието веднаш ја препраќа до Законодавно-правната комисија и до Комисијата за политички систем. Во рок од два дена, овие две работни тела треба да оценат дали иницијативата е уредна. Ако иницијативата е уредна, собранискиот спикер во рок од 3 дена ќе треба да ја извести ВМРО-ДПМНЕ за да почне со собирањето на 150 илјади граѓански потписи
Претседателот на Собранието Талат Џафери ја примил иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за одржување на референдум за поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија и се очекува во текот на денешниот ден да донесе одлука во врска со уредноста, јавува МИА повикувајќи се на собраниски извори.

Доколку одлуката добие зелено светло од Џафери, според Деловникот, претседателот на Собранието веднаш ја препраќа до Законодавно-правната комисија и до Комисијата за политички систем. Во рок од два дена, овие две работни тела треба да оценат дали иницијативата е уредна. Ако иницијативата е уредна, собранискиот спикер во рок од 3 дена ќе треба да ја извести ВМРО-ДПМНЕ за да почне со собирањето на 150 илјади граѓански потписи.
Ако документот според комисиите не е уреден, тогаш Џафери е должен иницијативата да ја стави на дневен ред на првата наредна седница и тогаш да се произнесе пленумот со заклучок.
ВМРО-ДПМНЕ во петокот минатата недела ја поднесе иницијативата за собирање потписи и отпочнување на референдумот според кој граѓаните би се изјасниле „за“ или „против“ Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу С Македонија и Бугарија.
Во меѓувреме, од партијата на неколкупати излегоа со сомнежи дека владејачкото мнозинство ќе се обиде да ја опструира иницијативата за референдумот.
„Се надевам дека претседателот на Собранието нема да користи некои негови познати методи и дека уредноста на иницијативата ќе биде утврдена и истата ќе почне со процедура во Собрание онака како што налага и Деловникот за работа и како што налага и Законот за референдум и други видови на граѓанско изјаснување“,
изјави во петокот координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски.
Вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека доколку има некаква пречка за иницијативата за референдум, тие се подготвени да ја коригираат и таа да го помине собранискиот филтер.
