Членовите на собраниска Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница не дадоа поддршка универзитетскиот професор Саво Климовски да биде избран за уставен судија, како предлог на опозицијата
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ја започнаа расправата за предлогот јавниот обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија. Расправата ќе продолжи утре во 10 часот.
Во денешната расправа, пратениците од опозицијата истакнаа дека секогаш кога СДСМ е на власт, Јовески напредува во кариерата, како и дека никој од владејачкото мнозинство кои се предлагачи не го образложи предлогот Јовески да биде уставен судија.
„Мислам дека на овој начин демонстрираме една класична ароганција на власта, кон парламентарното малцинство во моментов, кон демократијата, и односот, генерално, кон институциите во државата. Мислам дека е крајно некоректно и неприфатливо, за мене како пратеник, без разлика дали доаѓам од власта или опозицијата, да дискутираме за предлог кој што воопшто не е образложен од страна на предлагачите“,
рече пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Членовите на собраниска Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница не дадоа поддршка универзитетскиот професор Саво Климовски да биде избран за уставен судија, како предлог на опозицијата.
Изминативе денови членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер.
Комисискиот филтер не го поминаа кандидатите Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска. Досега е одбиена и кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска, која беше предложена од опозицијата.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.
