Откако украинската армија започна со брзата офанзива на источниот дел на земјата, со што и нанесе голем удар на руската армија, војниците не престануваат во својот поход кон ослободување на што е можно поголем дел од источна Украина. По пет месеци окупација, руските сили беа принудени да го напуштат градот Изјум.
Претседателот на Украина, Володомир Зеленски кажа дека воената офанзива продолжува на исток кон Харков, а се чини дека украинските сили отворија и нов фронт против руската одбрана на границите со регионите Доњецк и Луганск.
И додека руските сили продолжуваат да се повлекуваат од регионот на Харков, заменик-шефот на воената управа на регионот, Роман Семенуха изјави дека официјално украинската армија ослободила над 40 населби во источниот дел.
„Ситуацијата се менува неверојатно брзо и има многу, многу повеќе такви (де-окупирани) населби“,
изјави Семенука.
Тој кажа и дека 40-те се однесуваат само на оние места кои се под целосна украинска контрола, но и дека има повеќе други места каде што било подигнато украинското знаме. Тој воедно кажа дека е погрешна перцепцијата дека Русите заминуваат, туку напротив вели дека во овој предел се уште се водат жестоки битки.
„Има жестоки битки во многу области на фронтот и се е многу, многу тешко. Ако зборуваме само за воената компонента, тогаш само треба да биде трпеливи,
рече Семенука.
Украинските сили денеска стигнале и на околу 48 километри од северната граница со Русија, а напредувањето во регионот на Харков продолжува и на југ и кон исток. Ова го потврди врховниот командант на украинската армија, генерал Валериј Жалузни.
Жалузни на својот канал на Телеграм напиша дека украинските сили ослободиле повеќе од 3 000 квадратни километри територија за 10 дена и додаде дека Украина продолжува да ги ослободува териториите окупирани од Русите.