Михаил Ходорковски на Твитер објави копија од документ на руското Министерство за финансии, од кој произлегува дека Русија на семејствата на загинатите војници им исплатила вкупно 361,4 милијарди рубљи или по 7,4 милиони за секој паднат војник, што значи дека досега загинале 48 759
Ако треба да им веруваме на информациите објавени на Твитер од Михаил Ходорковски, противник на Путин и поранешен руски олигарх во егзил, во руската агресија против Украина досега загинале 48 759 руски војници, што треба да биде прва прецизна бројка на руски жртви, објавува Јутарњи лист.
Ходорковски на Твитер објави копија од документ на руското Министерство за финансии, од кој произлегува дека од 28 август Русија на семејствата на загинатите војници им исплатила вкупно 361,4 милијарди рубљи или по 7,4 милиони за секој паднат војник, што во крајна линија значи дека досега загинале 48 759.

Ходорковски понатаму наведува дека во бројката не се вклучени исчезнатите војници, како и оние што се борат под знамињата на сепаратистите од Доњецк и Луганск.
Тој број е нешто поголем од проценките на западните разузнавачки служби и нешто помал отколку што тврдат Украинците.
Во војната, Украина се повеќе зема замав над руските сили.
Повеќе западни, украински и руски извори ја опишуваат украинската контраофанзива на североистокот како серија на упади на мали, брзи диверзантски групи длабоко во територијата под контрола на непријателот. Таму со прецизни удари создаваат паника и хаос во руските редови. Се чека официјална потврда дека на исток, во близина на границата со Русија, ги освоиле железничката клучка Купјанск и градот Изум, од каде наводно руската армија се повлекла на растојание од десетина километри.
Денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека украинската армија ослободила повеќе од 2 000 квадратни километри окупирана територија од почетокот на контранападот овој месец.
Тој посебно им се заблагодари на единиците на украинската армија кои, како што рече, „се истакнале во регионот Харков“ и на оние кои „ја вратиле целосната контрола над градот Балаклија“.
Вчера руското Министерство за одбрана соопшти дека ги повлекува силите од две области во Харков, каде што украинската контраофанзива постигна значителен напредок во текот на изминатата недела.
Зеленски го нарече бегството на руската армија добра одлука.
„За окупаторите нема и нема да има место во Украина“,
рече тој.
Успехот на Украина во борбата против Русија покажува дека земјата може да ги победи, но на Киев му треба повеќе оружје од своите партнери, изјави синоќа украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Кулеба, зборувајќи на прес-конференција со германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок која беше во посета на земјата, рече дека некои сојузници првично не сакале да испратат оружје, наведувајќи го ризикот од антагонизам од рускиот претседател Владимир Путин.
„Сега, фала му на Бога, повеќе не го слушаме овој аргумент. Покажавме дека сме способни да ја победиме руската армија. Тоа го правиме со оружјето што ни е дадено. И затоа повторувам – колку повеќе оружје добиеме, толку побрзо ќе победиме и толку побрзо ќе заврши оваа војна“,
рече тој.
Иако Германија испрати самоодни топови во Украина, Киев сака и борбени тенкови Леопард, борбени возила Мардер и противвоздушни тенкови Гепард.
„Секој ден, додека некој во Берлин размислува, се консултира или разгледува дали да даде тенкови или не, некој умира во Украина, поради фактот што тој тенк не пристигнал“, рече Кулеба. „Знам дека времето е клучно. Следните неколку недели и месеци ќе бидат од суштинско значење“,
рече Баербок.