Пред да влезе во Бакингемската палата, кралот Чарлс излезе од својот автомобил и се ракуваше со луѓето кои извикуваа „Господ да го чува кралот“
Би-би-си јави дека се очекува кралот Чарлс Трети да се обрати пред нацијата во 18:00 часот за првпат како суверен, откако неговата мајка, кралицата Елизабета Втора почина вчера на 96-годишна возраст
Престолонаследникот на британското кралство, кралот Чарлс Трети и неговата сопруга, новата кралица Камила пристигнаа во Бакингемската палата во Лондон еден ден по смртта на кралицата Елизабета Втора, јави Би-би-си.
Пред да влезе во палатата, кралот Чарлс излезе од својот автомобил и се ракуваше со луѓето кои извикуваа „Господ да го чува кралот“. Камила, новата кралица, се воздржа додека кралот ги поздравуваше луѓето.
Парот потоа отиде заедно да ги погледне стотиците цвеќиња пред портите на палатата поставени во знак на почит кон починатата кралица. Чарлс и Камила потоа влегоа во палатата.
Би-би-си јави дека се очекува кралот Чарлс да се обрати пред нацијата во 18:00 часот за првпат како суверен, откако неговата мајка, кралицата Елизабета Втора почина вчера на 96-годишна возраст.
Во меѓувреме, во Лондон трае специјалната седница на Парламентот, каде што пратениците ќе ѝ оддаваат чест на починатата кралицата во наредните 10 часа. Пред почетокот на специјалната седница, пратениците одржаа едноминутно молчење во Долниот дом на Парламентот во знак на сеќавање на кралицата, еден ден по нејзината смрт. Пратениците стоеја во преполната сала со наведнати глави.
Седницата беше отворена со говор на новата премиерка на Велика Британија, Лиз Трас, која посочи дека кралицата беше еден од најголемите лидери што светот некогаш ги познавал.
„Во часовите по синоќешните шокантни вести, сведочевме на трогателни искажувања тага поради загубата на покојната кралица“,
истакна таа, додавајќи дека знамињата се спуштени на половина копје, а сочувство пристигна од сите континенти.
Британската премиерка кажа оти кралицата Елизабета Втора е карпа на која е изградена модерната Велика Британија, а својот говор го заврши со зборовите „Боже, чувај го Кралот“.