Создавањето услови за неодамнешниот почеток на преговорите со Брисел претставува успех на кој оправдано треба да сте горди, во очекувањето да се достигне крајната цел за полноправно членство во ЕУ, рече италијанскиот претседател
Италија секогаш давала и ќе продолжи да дава силна поддршка за патот на Северна Македонија кон Европа. Создавањето услови за неодамнешниот почеток на преговорите со Брисел претставува успех на кој оправдано треба да сте горди, во очекувањето да се достигне крајната цел за полноправно членство во ЕУ, како што впрочем се случи со вашата одлука да се приклучите кон НАТО, рече во своето денешно обраќање во Собранието на Северна Македонија, претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.
Според Матарела, местото на Северна Македонија е во Европа заради вредностите, историјата и културата.
Тој во своето обраќање посочи дека пријателството меѓу Италија и нашата држава има длабоки корени, поттикнато од спонтана симпатија и од чувство на меѓусебно разбирање, кое никогаш не престанало.
„По Втората светска војна и покрај ограничувањата наметнати од тогашниот геополитички поредок, Италија продолжи да негува кон вашиот народ непроменета почит и постојан интерес. Доказ за тоа е силниот порив на солидарност, кој по страшниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година, поттикна над 200 италијански уметници да донираат над 300 нивни дела кои денес се чуваат во Музејот на современа уметност во Скопје“,
рече претседателот на Италијанската Република.
Со 31 година независност, која државата ја прослави вчера, Матарела потенцираше дека се отворени дополнителни можности за развој на односите меѓу овие две земји во сите полиња, а меѓу нив и не помалку важното поле на културната соработка.
„Италија е горда на фактот дека на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје италијанскиот јазик се изучува повеќе од 60 години, и што во моментов многу македонски ученици од основните и средните училишта избраа да го учат италијанскиот јазик, што претставува знак на динамика и современост на врската меѓу овие две земји. Станува збор за чувство на искрено пријателство“,
додаде Матарела.
Полноправниот влез во европското семејство на земјите од југоисточна Европа, според Матарела, ќе даде клучен придонес на каузата за мир во Европа и ќе стави крај на досегашното одложување во процесот на интеграција на континентот.
„Заедно ќе ја постигнеме целта да ги надминеме старите и скорешните поделби, да ги надминеме жариштата на напнатост од минатото кое се уште живее во сеќавањето на некои луѓе, жаришта што демнат под пепелта, а притоа ќе размислуваме за иднината и ќе создадеме регион на стабилност и развој. На овој пат, Италија ќе продолжи да биде покрај вас како пријателска и блиска земја“,
додаде претседателот на Италијанската Република.
Тој напомена дека односот меѓу Балканот и Италија е пример за тоа дека можеме да се стремиме кон заеднички хоризонти, како што е заедничка и европската реалност.
„Денес, Северна Македонија и Бугарија се повикани да преземат обврска за да развијат почитувачки и искрен дијалог за надминување на недоразбирањата од минатото, во рамките на заедничката припадност во европското семејство и со целосно почитување на нивните сопствени култури и идентитети. Идентитети, кои во различните национални деклинации придонесуваат кон дефинирање на европски културен простор, наследство составено од традиции и апсирации кои не обединуваат и кои не прават сите европски граѓани“,
рече Матарела.
Истиот тој европски културен простор, според него, би бил значително понеисполнет без придонесот на историјата и културата на Северна Македонија, од кој македонскиот јазик е суштинска компонента.
Тој напомена оти Италија цврсто верува дека Западен Балкан е составен дел од Европа и дека Европа никогаш нема да биде целосна без пристапувањето на сите земји од овој регион.
Како што посочи, она што се случува во Украина претставува закана за основните вредности на меѓународната заедница, а одговорот на евроатланското семејство беше на предизвикот, што го наметна оваа воена „авантура“ на Москва.
Матарела изрази благодарност за солидарноста што ја покажа Северна Македонија кон Украина.
Според Матарела, можеме да ја зајакнеме нашата внатрешна кохезија, вклучувајќи мерки кои можат да ги ублажат високите трошоци што нашите економии можат да ги поднесат.
Во овој контекст, како што рече, Италија силно го поддржува вклучувањето на Западен Балкан во европските механизми за солидарност насочени кон гарантирање на енергетска безбедност, особено имајќи ја предвид претстојната зима.