Во наредниот период ќе биде обновена Програмата за соработка помеѓу двете министерства и ќе се засили комуникацијата за воспоставување поинтензивна соработка меѓу сродните институции во двете земји
Република Северна Македонија и Чешката Република имаат одлични релации на надворешно-политички план, во рамките на регионалната соработка, ЕУ и НАТО. На полето на културата, пред двете земји се огромен број можности и уште поголем потенцијал за подинамична соработка, која треба да се интензивира во периодот што
следува – се согласија министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и заменик-министерот за култура на Чешката Република, Ондржеј Храст, на денешната работна средба во Прага.

Министерката Костадиновска-Стојчевска изразила уверување дека во рамките на чешкото претседателство со ЕУ уште повеќе ќе се стави акцент на заедничките заложби за зацврстување на мирот, демократијата и дијалогот во Европа.
„Зборувавме за начините на интензивирање на соработката помеѓу националните филхармонии и оперско-балетските куќи, галериите, саемите на книга, како и за можностите од поинтензивна соработка помеѓу меѓународните фестивали кои ги имаат двете земји во разни области од уметноста“,
се вели во соопштението од кабинетот на министерката Костадиновска-Стојчевска.
На средбата, таа ги нагласила и активностите на Северна Македонија за вклучување на културата во Агендата за Западен Балкан на ЕУ, како и добрите практики на македонските корисници на Програмата „Креативна Европа“ и на инструментите за претпристапна помош на ЕУ во прекуграничната соработка.
Соговорниците истакнале дека во наредниот период ќе ја обноват Програмата за соработка помеѓу двете министерства и ќе ја засилат комуникацијата за воспоставување поинтензивна соработка меѓу сродните институции во двете земји.

Министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, предложила да се иницираат заеднички работилници од областа на креативните индустрии или средби на соодветно ниво на кои би се размениле искуства во оваа сфера.
Заменик-министерот Храст, пак, споделил чешки искуства за поддршка на младите уметници и иницирал активности за поддршка на најмладите кои имаат свои интернационални мрежи на поврзување и зближување.
На средбата станало збор за позитивните искуства од соработката во филмската дејност, како и редовните претставувања на кинематографските остварувања во двете земји.
Македонската министерка за култура изразила задоволство што и по повод одбележувањето на чешкото претседателство со ЕУ, меѓу содржините што ќе се претстават пред чешката јавност се и поновите филмски остварувања на авторите од Република Северна Македонија.
Костадиновска-Стојчевска упатила покана до заменик-министерот Храст да биде гостин на културните содржини што денеска и утре се организираат во Прага, Чешка, по повод одбележувањето на чешкото претседателство со ЕУ и Денот на независноста на Северна Македонија – 8 Септември.
Вечер, во рамките на Деновите на македонската култура во Чешка, концерт ќе одржи реномираниот Камерен оркестар од Битола со истакнатите солисти Влатко Стефановски и Тамара Тодевска.
Утре, 9 септември, во престижниот театар „Divadlo Apollo“ ќе биде одиграна претставата „Антитело“, авторско дело на студентите од Факултетот за драмски уметности – Скопје под менторство на проф. Зоја Бузалковска.
Во рамките на програмата, од 7 до 9 септември се реализира и Ревија на македонски филмови во организација на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.