Најмалку 16 лица, пак, сè уште се водат како исчезнати еден ден по земјотресот што ја погоди планинската област во кинеската провинција Сечуан. Засега пријавени се најмалку 65 загинати лица, а стотици се повредени
Најмалку 65 лица загинаа, а стотици се повредени во земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала што го погоди југозападниот дел на Кина, јавија денеска државните медиуми.
Најмалку 16 лица сè уште се водат како исчезнати еден ден по земјотресот што ја погоди планинската област во округот Лудинг во провинцијата Сечуан, на работ на Тибетската висорамнина, каде што се спојуваат тектонските плочи и земјотресите се вообичаени.

Фото: EPA-EFE/STRINGER CHINA OUT
Земјотресот го погоди главниот град на провинцијата, Ченгду, каде 21 милион жители се веќе во изолација поради ковид-19.
Во историскиот град Мокси во автономната тибетска префектура Гарзе загинаа 37 лица, електричната енергија беше исклучена, а зградите беа оштетени. Поставени се шатори за повеќе од 50 000 луѓе кои ги напуштија небезбедните домови по земјотресот, а околу 150 луѓе пријавиле повреди од различен степен, објави официјалната новинска агенција Ксинхуа.
Во соседниот округ Шимијан и во градот Јаан загинаа 28 лица, додека 248 се повредени, а уште 12 се водат за исчезнати.
Според државната телевизија ЦЦТВ, властите информираат дека од планинските падини паѓаат камења, оштетувајќи ги домовите и пресекувајќи далноводи. Кинеското Министерство за вонредни состојби соопшти дека поради одрон од камења е блокиран локален пат.

Најсилниот земјотрес во последните години, со јачина од 7,9 степени, ја погоди Кина во 2008 година, кога во провинцијата Сечуан загинаа речиси 90 000 луѓе.