Кинеската влада прогласи вонредна состојба во погодената област, каде што се во тек операции за спасување и помош
Најмалку 46 лица загинаа во земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала што го погоди југозападниот дел на Кина. Според Кинескиот центар за земјотреси, епицентарот на земјотресот бил во близина на округот Лудинг во провинцијата Сечуан, на длабочина од 16 километри.
Околните области на округот Лудинг, вклучително и главниот град на Сечуан, Ченгду, почувствуваа силни последователни потреси. Пред пет дена Кина воведе карантин на територијата на целиот град Ченгду од 21 милион жители, на кои не им е дозволено да ги напуштат своите домови, а затворени се и деловните субјекти.
Како последица на земјотресот, 29 лица загинаа во градот Ганзи, а 17 во Јаан. Спасувачките екипи трагаат по најмалку 16 исчезнати лица. Најмалку 50 повредени се згрижени во болниците.
Видеата објавени на социјалните мрежи по земјотресот покажуваат урнатини и остатоци кои ги блокираат патиштата.
Кинеската влада прогласи вонредна состојба во погодената област, каде што се во тек операции за спасување и помош. Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на мобилизација на сите ресурси за помош на регионите погодени од земјотресот.
Прекинати се телекомуникациските линии до градот Мокси, епицентарот на земјотресот Лудинг.
Како што објави кинескиот „Глобал тајмс“, локалните власти ги расчистуваат патиштата блокирани од лизгање на земјиштето.