Притворот за македонскиот државјанин кој го побара Обвинителството во бугарскиот град Бургас следи откако на 28 август полицијата го приведе 60-годишникот под сомнеж дека со камионот што го управувал превезувал 88 илегални мигранти со авганистанско потекло
Обвинителството во бугарскиот град Бургас за дописникот на МИА информира дека е побаран притвор за 60-годишниот македонски државјанин, кој во неделата беше упсен поради шверц на 88 Авганистанци.
Тој е обвинет дека преку Бугарија се обидел да прошверцува поголема група авганистански државјани.
Претстои Реонскиот суд во Бургас да закаже датум за судско рочиште.
Полицијата во бугарскиот град Бургас на 28 август приведе 60-годишен македонски државјанин под сомнеж дека со камионот што го управувал превезувал 88 илегални мигранти со авганистанско потекло.
Според портпаролката на Регионалната управа на полицијата во Бургас, Цветелина Рандева мигрантите, млади и средовечни мажи, биле натоварени во камионот во реонот на Дебелт, од каде тој се упатил кон Бургас. По пристигнувањето во Бургас камионот бил запрен од полициски службеници, кои ги откриле мигрантите во возилото.
Бугарската полиција деновиве стави во употреба дронови за следење на границите во обид да се избори со илегалното преминување на мигранти и дополнително ја зајакна полициската и армиската присутност на границите на Бугарија со цел да спречи мигранстски движења низ земјата.
Неколку дена претходно, двајца бугарски полицајци загинаа при обид да запрат автобус со мигранти кој илегално влегол во земјата.