Портпаролката на Регионалната управа на полицијата во Бургас информира дека возачот на камионот е идентификуван како 60-годишен македонски државјанин, а оти тој заедно со 88 мигранти бил приведен утрово во Бургас околу 06:45 часот по локално време. Во врска со случајот бугарската полиција повела предистражна постапка
Полицијата во бугарскиот град Бургас денеска приведе 60-годишен македонски државјанин под сомнеж дека со камионот што го управувал превезувал 88 илегални мигранти со авганистанско потекло.
Портпаролката на Регионалната управа на полицијата во Бургас, Цветелина Рандева информира дека возачот на камионот е идентификуван како 60-годишен македонски државјанин. Тој заедно со 88 мигранти бил приведен утрово во Бургас околу 06:45 часот по локално време, односно 05:45 часот по македонско време.
Според Рандева, мигрантите, млади и средовечни мажи, биле натоварени во камионот во реонот на Дебелт, од каде тој се упатил кон Бургас. По пристигнувањето во Бургас камионот бил запрен од полициски службеници, кои ги откриле мигрантите во возилото.
Во врска со случајот бугарската полиција повела предистражна постапка.
Бугарската полиција деновиве стави во употреба дронови за следење на границите во обид да се избори со илегалното преминување на мигранти и дополнително ја зајакна полициската и армиската присутност на границите на Бугарија со цел да спречи мигранстски движења низ земјата.
Неколку дена претходно, двајца бугарски полицајци загинаа при обид да запрат автобус со мигранти кој илегално влегол во земјата.
Возачот на автобусот кој пренесувал мигранти не застанал на два последователни контролни пункта на граничната полиција, а потоа влегол во населено место. Полицајците се обиделе да му го попречат патот со автомобил, но тој не застанал, удрил во автомобилот, го прегазил, по што полицајците загинале на местото на настанот.