Мицкоски посочи дека наместо да продолжат со тврдоглавоста, надлежните треба да се фатат за работа и како што рече, да престанат да го крадат ЕСМ, да престанат да ги крадат граѓаните и да му овозможат на бизнисот и стопанството во овие тешки времиња да преживеат бидејќи тоа се хероите на ова време кои што секој месец се борат да обезбедат егзистенција за вработените

Откако вчера обвини дека ЕСМ за седум дена ги оштетила граѓаните за 22 милиони денари со продажбата на ноќните вишоци на струја, по што доби демант од надлежните, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на тоа кажа дека не очекува надлежните да признаат оти ги крадат граѓаните.
„Јас не очекувам од надлежните да излезат и да признаат дека ги крадат граѓаните и дека се неспособни, односно дека не знаат да го управуваат електро-енерегетскиот систем, но вистината е таа дека македонските бизнисмени, според Еуростат, не според ВМРО-ДПМНЕ, во втората половина од 2021 година плаќаат и двојно повисока цена за струјата од нивните колеги на пример во Косово. Плаќаат поскапа струја од нивните колеги во Србија, во Црна Гора, во Турција и буквално секаде, односно долгата приказна накратко тие стануваат сѐ понеконкурентни и за жал голем дел од нив ќе мораат бизнисите да го затвораат, а со тоа голем број наши сограѓани ќе останат без егзистенција за своите семејства“,
истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека наместо да продолжат со тврдоглавоста, надлежните треба да се фатат за работа и како што рече, да престанат да го крадат ЕСМ, да престанат да ги крадат граѓаните и да му овозможат на бизнисот и стопанството во овие тешки времиња да преживеат бидејќи тоа се хероите на ова време кои што секој месец се борат да обезбедат егзистенција за вработените.
„Истовремено, жалам што секојдневно добиваме поплаки од граѓаните кои што плаќаат и до 50 проценти поскапи сметки за струјата, а она кое што исто така ме шокира е најавата на надлежните дека од први јануари дополнително тие сметки ќе бидат зголемени. Тоа може да се реши на еден начин, ќе повторам, да престанат да крадат да почнат да работат и да произведуваат струја која што ќе биде конкурентна за стопанството и струја која што ќе биде евтина за граѓаните бидејќи Македонија е најсиромашната држава на Балканот и најсиромашната држава во Европа“,
заклучи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера, опозицискиот лидер обвини дека Електрани на Северна Македонија за само седум дена ги оштетила граѓаните за 22 милиони денари со продажбата на ноќните вишоци на струја.
Тој во статус на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека ноќните вишоци се продаваат за многу пониска цена за разлика од цената на референтната берза HUPX.
По ова прозивка на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, од компанијата посочија дека Мицкоски ги извртува фактите и лажно ги претставува податоците, а оти продажбата се врши по пат на јавна аукција и наддавање. ЕСМ добила четири понуди од 140, 266, 293 и 303 евра за мегаватчас.
Вчерашната изјава на Мицкоски од СДСМ ја оценија како непознавање од енергетика и лажно обвинување кон ЕСМ, додавајќи дека ЕСМ ги продава ноќните вишоци на струја на аукција, на која може да учествуваат сите заинтересирани страни и на која се избира најповолниот понудувач.