Од СДСМ посочуваат дека ЕСМ ги продава ноќните вишоци на струја на аукција, на која може да учествуваат сите заинтересирани страни и на која се избира најповолниот понудувач, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини оти ЕСМ за само седум дена ги оштетила граѓаните за 22 милиони денари со продажбата на ноќните вишоци на струја
Мицкоски нема познавања од енергетика и лажно обвинува дека АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ги оштетила граѓаните, стои во реакцијата на СДСМ откако лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски обвини дека ЕСМ за седум дена ги оштетила граѓаните за 22 милиони денари со продажбата на ноќните вишоци на струја.
„Мицкоски ги извртува фактите и лажно претставува податоци во услови на глобална енергетска криза“,
стои во реакцијата на СДСМ.
Од партијата посочуваат дека ЕСМ ги продава ноќните вишоци на струја на аукција, на која може да учествуваат сите заинтересирани страни и на која се избира најповолниот понудувач.
„Христијан Мицкоски ќе остане запаметен како најнеуспешниот директор на АД ЕСМ, во чие време цената на електричната енергија се зголеми за 100 проценти, а тогаш немаше никаква енергетска криза“,
додаваат од СДСМ.
Претходно, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски на својот фејсбук-профил напиша дека ноќните вишоци се продаваат за многу пониска цена за разлика од цената на референтната берза HUPX, додавајќи дека за само седум дена ЕСМ ги оштетила граѓаните за 22 милиони денари со продажбата на ноќните вишоци на струја.
По ова прозивка на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, од ЕСМ велат дека продажбата се врши по пат на јавна аукција и наддавање, а оти компанијата добила четири понуди од 140, 266, 293 и 303 евра за мегаватчас.