Мицкоски обвинува дека ЕСМ ја продава струјата по далеку пониска цена од референтната, од ЕСМ, пак, појаснуваат дека добиле четири понуди на јавното наддавање и избрана е највисоката понуда
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Електрани на Северна Македонија за само седум дена ги оштетила граѓаните за 22 милиони денари со продажбата на ноќните вишоци на струја.
Тој во статус на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека ноќните вишоци се продаваат за многу пониска цена за разлика од цената на референтната берза HUPX.
„Цената по која овие ноќни вишоци се продадени е 303,75 €/MWh! За истиот тој период цената на струјата на HUPX (референтна берза при утврдување на цената на струјата во Македонија) е 506 €/MWh. Разликата во цена е: 1750 MWh x (506-303,75)€ = 353.937€ Заклучок: Македонија, граѓаните и ЕЛЕМ/ЕСМ за само 7 дена се оштетени за околу 22.000.000 денари и наместо вишоците да бидат понудени на стопанството кое плаќа според HUPX струја и грчевито се бори да опстане и да ги задржи работниците, парите се крадат и завршуваат во приватни џебови.“
обвини Мицкоски.
По ова прозивка на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ од компанијата велат дека продажбата се врши по пат на јавна аукција и наддавање. ЕСМ добила четири понуди од 140, 266, 293 и 303 евра за мегаватчас.
„Избрана е највисоката понуда која е добиена. Со оглед на цените кои се добиени од повеќе понудувачи, јасно се гледа дека постигната цена е таа која е реална за предметните шест дена. На аукциите на АД ЕСМ за ноќни вишоци енергија од 02-07ч. може да се пријави да купи секој субјект кој е на слободниот пазар: трговци, стопански субјекти, државни институции итн., доколку имаат потреба од електрична енергија во тие часови. Во однос на изјавите и споредбите на лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, ЕСМ не врши продажба на енергија на HUPEX, туку продава во земјата. Сите трошоци понатаму доколку таа енергија се носи надвор, ги сноси купувачот, како што се закуп на прекугранични капацитети и други издадоци на берзанското тргување, кои ја покачуваат крајната цена на берзата“,
се вели во дописот од ЕСМ.
Од компанијата обвинуваат дека Мицкоски ги извртува фактите и лажно ги претставува податоците.
„Кога веќе Христијан Мицкоски сака да говори на темата купување и продавање електрична енергија, повторно да потсетиме дека Мицкоски е тој кој во негов мандат во АД ЕСМ купуваше електрична енергија по 250e/MWh во време кога струјата се продаваше по 70е/MWh. Секој човек со барем малку лично достоинство ќе размисли пред да влегува во вакви извртувања на фактите како денешното, и лажно претставување на податоци во услови на глобална енергетска криза, додека за своите постапки кога немало криза-никогаш не дал одговор“,
велат од ЕСМ.