Министерот за надворешни работи на Финска, Пека Хависто, претходно изјави дека на првиот состанок ќе разговараат за поставување на целите за соработка за кои трите земји се договорија со потпишување на трилатерален меморандум на самитот на НАТО во Мадрид во јуни
Официјални лица од Турција, Финска и Шведска денеска ќе се состанат во Финска за да разговараат за безбедносните грижи покренати од Турција во врска со пристапувањето на двете нордиски земји во НАТО, објави Ројтерс.
Министерот за надворешни работи на Финска, Пека Хависто, претходно изјави дека на првиот состанок ќе разговараат за поставување на целите за соработка за кои трите земји се договорија со потпишување на трилатерален меморандум на самитот на НАТО во Мадрид во јуни.
Според меморандумот, Финска и Шведска ја изразуваат целата своја поддршка за Турција против заканите за нејзината национална безбедност. Тие, исто така, се обврзуваат да не поддржуваат организации што Анкара ги смета за терористички.
Двете нордиски земји поднесоа барање за членство во НАТО како одговор на руската инвазија на Украина, но се соочија со противење од Турција, која ги обвини дека вовеле ембарго за оружје на Анкара и дека ги поддржуваат групите кои Турција ги смета за терористи.
Откако Турција се согласи да ги поддржи кандидатурите на Финска и Шведска за членство во НАТО, двете земји го потпишаа протоколот за пристапување во НАТО на почетокот на јули, а тој мора да биде ратификуван од сите 30 земји членки на Алијансата.