Турција, Шведска и Финска денеска во пресрет на самитот на Алијансата во Мадрид, потпишаа заеднички меморандум за процесот на приклучување на Шведска и Финска во НАТО. Заедничкиот меморандум, како што изјави финскиот претседател Нинисто, ја нагласува посветеноста на Финска, Шведска и Турција да ја дадат својата целосна поддршка против заканите за меѓусебната безбедност

Финскиот претседател Саули Нинисто изјави дека Турција се согласила да ги поддржи кандидатурите на Финска и Шведска за членство во НАТО, отворајќи го патот за членство на двете земји во Алијансата.
Трите земји денеска потпишаа заеднички меморандум за процесот на приклучување на Шведска и Финска во НАТО. Меморандумот го потпишаа турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу и неговите колеги од Финска и Шведска, Пека Хависто и Ана Линде.
На потпишувањето присуствуваа турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, финскиот претседател Саули Нинисто и шведската премиерка Магалена Андерсон.
Заедничкиот меморандум, како што изјави финскиот претседател Нинисто, ја нагласува посветеноста на Финска, Шведска и Турција да ја дадат својата целосна поддршка против заканите за меѓусебната безбедност, јави Си-ен-ен.
„Конкретните чекори за нашиот пристап во НАТО ќе бидат договорени од сојузниците на НАТО во текот на следните два дена, но таа одлука сега е неизбежна“,
додаде тој.
Во меѓувреме, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг ја поздрави најавата дека Турција дала зелено светло на понудите на Финска и Шведска да се приклучат на воената Алијанса на западните земји.
Говорејќи по потпишувањето на договорот, генералниот секретар на НАТО рече дека трите земји потпишале меморандум што се однесува на загриженоста на Турција, вклучително и околу извозот на оружје и борбата против тероризмот.
Руската воена инвазија врз Украина од февруари годинава ги натера Финска и Шведска да се откажат од својата долгогодишна политика на воена неутралност и да аплицираат за членство во НАТО во средината на мај. Но, турското раководство, наведувајќи ја загриженоста за наводната поддршка на земјите за курдските групи и извозот на оружје, го блокираше процесот.