Гласачите места во Маврово-Ростуше, Центар Жупа и во Тетово се затворени, а Државната изборна комисија ги објави податоци за излезност до 18.30 часот
Според објавеното на вебстраницата на ДИК, излезноста во Маврово-Ростуше е 51,17 отсто, во Центар Жупа 46,30 отсто и во Тетово 32,76 отсто.
Според ова, во Маврово-Ростуше и во Центар Жупа каде се избираа градоначалници е исполнет условот за минимална изленост на изборите.
И во двете општини ова е трет обид да се избере градоначалник откако во октомври лани и во април годинава немаше доволен одѕив.
Во општина Тетово, каде денеска се гласа на вонредни избори за членови на Совет, излезноста до 18.30 часот е 32,76 отсто.
Вонредните избори за членови на Совет се спроведуваат откако претходниот состав беше распуштен од страна на Владата, бидејќи тие не ја усвоија завршната сметка на општинскиот буџет за 2021 година до истекот на крајниот рок, 31 март годинава.
Во Центар Жупа на денешните избори има само еден кандидат – Аријан Ибраими од ДПТМ и со постигнување на цензусот, за тој да биде избран за градоначалник ќе треба да добие мнозинство од оние што гласале што е реално да се очекува.
Изборниот законик предвидува дека ако за градоначалник е предложен еден кандидат, а во првиот круг на гласање не добил мнозинство гласови под услов да излегле најмалку една третина од запишаните избирачи, тогаш целата изборна постапка се повторува.
Во Маврово-Ростуше има двајца кандидати – Медат Куртовски од СДСМ и Мевмед Џафери од ВМРО-ДПМНЕ.