Во општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа денеска по трет пат се одржуваат локални избори, откако претходно во два наврати не беа исполнети условите бидејќи го немаше потребниот цензус за да тие да бидат прогласени како успешни
Изборниот законик во Член 132, став 1 вели дека во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина.
Во општината Маврово и Ростуше, со оглед на тоа што има двајца кандидати, изборите би можеле да завршат денеска ако на гласање излезат најмалку една третина од регистрираните во избирачкиот список и ако еден од кандидатите освои мнозинство од оние што гласале (најмалку 50% + еден глас). Теоретски е возможно дури и при исполнет услов за минимална излезност од една третина, ниеден од кандидатите да нема мнозинство (во случај на тесна трка и одреден број неважечки ливчиња) што би значело дека ќе се оди на втор круг во кој ќе се пласираат истите двајцата кандидати. Во вториот круг победува оној со поголем број гласови (нема потреба од мнозинство ниту минимален одѕив).
Во Центар Жупа, пак, има само еден кандидат, за што Изборниот законик во став 4 од членот 132 предвидува дека ако за градоначалник е предложен еден кандидат, а во првиот круг на гласање не добил мнозинство гласови под услов да излегле најмалку една третина од запишаните избирачи, тогаш целата изборна постапка се повторува.
Иако овие услови важат кога се бира градоначалник, истите не се однесуваат кога станува збор за избирање советници, како што е случајот со општина Тетово, каде денеска се гласа на вонредни избори за членови на Совет, откако претходниот состав беше распуштен од страна на Владата, бидејќи тие не ја усвоија завршната сметка на општинскиот буџет за 2021 година до истекот на крајниот рок, 31 март годинава.
Во Тетово на гласачкото ливче има 13 листи на кандидати за членови на Советот на општината. Мандатите ќе бидат распределени според бројот на добиени гласови користејќи го Донтовиот метод – што значи дека по собирањето на вкупниот број гласови што ќе ги добие секоја партиска листа поединечно се дели со 1, потоа со 2, со 3, со 4, и сè така до крајниот број на кандидати што треба да бидат избрани во општината. Добиените изборни количници се подредуваат по големина, а најголемите броеви се мандатите што ги добиле соодветните листи.