Генералниот гувернер Дејвид Харли, претставник на кралицата во Австралија, потврди дека потпишал документ со кој му дозволува на Морисон тајно да ги преземе трите министерства, додавајќи дека се е направено во согласност со член 64 од австралискиот Устав
Поранешниот австралиски премиер Скот Морисон денеска призна дека за време на пандемијата тајно се назначил да раководи со уште пет клучни министерства. На денешната прес-конференција тој се правдаше дека тоа го направил, бидејќи верувал дека тој е одговорен за нацијата.

Морисон, кој се повлече од функцијата лидер на Либералната партија по поразот на општите избори во мај, денеска одговараше на низата критики од актуелната влада и неговата сопствена партија во врска со назначувањата, пренесува Ројтерс.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе го оцени овој потег како „невидено уништување на вестминстерскиот систем“, коментирајќи ја информацијата дека меѓу март 2020 и мај 2021 година, Морисон се назначил себеси за министер на пет ресори, без притоа, во некои случаи, да го извести постоечкиот министер за тоа.
Така, тројца министри не знаеле дека Морисон раководел со нивните министерства се додека неделава тоа не беше објавено јавно.
„Управував брод среде бура. Само јас како премиер можев да ја разберам тежината на одговорноста што беше на моите рамења и на никој друг“,
рече Морисон пред новинарите, потсетувајќи како пандемијата ја погоди Австралија во 2020 година.
Морисон изјави дека не ги „презел“ министерствата и рече дека не се мешал во работата на министрите, а на прашањето, зошто не ги информирал дека се назначил како раководител, рече дека тоа било бидејќи имал намера да ги користи овластувањата само во итни случаи.

Генералниот гувернер Дејвид Харли, претставник на кралицата во Австралија, потврди дека потпишал документ со кој му дозволува на Морисон тајно да ги преземе трите министерства, додавајќи дека се е направено во согласност со член 64 од австралискиот Устав.
Но, премиерот Албанезе, правните експерти и поранешните колеги на Морисон го критикуваат ваквиот потег бидејќи бил таен.
Албанезе дури посочи дека ќе побара правен совет во врска со тие одлуки, кои се очекува владата да ги добие в понеделник.