Оставката на в.д директорот на Управата за финансиска полиција се случува само неколку часа откако државниот обвинител ја суспендираше шефица на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција
Директорот на Управата за финансиска полиција попладнево, преку писмена изјава, најави дека се повлеува од функцијата. Ваквиот чекор Арафат Муареми го става во директна корелација со решението на Јавниот обвинител на РСМ, Љубомир Јовески, да ја суспендира шефицата на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска и да поведе дисциплински постапки против неа и против обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска за начинот на кој го воделе предметот за Муареми и за претресот извршен во просториите на Финансиската полиција на 18 јули.
„Имајќи ја предвид одлуката на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, да поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за сите три јавни обвинителки и да ја суспендира Вилма Русковска од функцијата основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради незаконитото постапување и злоупотребата на службената положба и овластување, по своја сопствена волја, се повлекувам од функцијата в.д. директор на Управата за финансиска полиција. Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“,
пишува Муареми во писмената изјава.
Според Муареми, денешната одлука на Јавниот обвинител на РСМ е јасна порака дека законите мора сите да ги почитуваат и дека злоупотребите на функциите за лични цели се недозволиви.
Пред изјавата на Муареми дека самиот се повлекува, Љубомир Јовески преку соопштение до медиумите информираше дека донел решение за суспендирање на Вилма Русковска и за дисциплинска постапка за неа, како и за Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска поради претресот во Финансиската полиција.
Јавното обвинителство вели дека за трите обвинителки постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда на одредби од Законот за јавното обвинителство.