Британецот Џон Хардинг, Хрватот Векослав Пребег и Швеѓанецот Матијас Густафсон, заробени во градот Мариупол и околината, можат да бидат осудени на смрт, откако судот во самопрогласената Народна република Доњецк (ДНР) денеска ги обвини нив но и други две лица дека се платеници кои се бореле од страната на Украина, и соопштија дека тројца од нив може да се соочат со смртна казна.
Други двајца Британци, Дилан Хили и Ендрју Хил, исто така беа обвинети, но не се соочуваат со егзекуција. Ниту еден од петмината обвинети не се изјасни за виновен. Судот соопшти дека судењето ќе продолжи на почетокот на октомври.
Хрватското Министерство за надворешни работи како одговор на обвинувањата против Пребег соопшти дека Хрватска го отфрла обвинението и не го смета за оправдано и легално бидејќи е во спротивност со меѓународното право и меѓународните конвенции за третман на притворени цивили и воени заробеници.
Властите во Доњецк во јуни осудија на смрт двајца Британци и еден Мароканец фатени како се борат на страната на украинските сили против Русија, под обвинение за обид за преземање на власта и платеништво.
Претходно, руските власти објавија целосна листа на странци платеници кои се борат од страната на Украина. Меѓу нив се најдоа и лица од Северна Македонија, а според листата, од почетокот на војната досега на страната на Украина се бореле 79 македонски државјани од кои убиени се 26, вратени се 21, а според податоците до 5 август, активни на фронтот се 32 лица од земјава.