Докторот на Клиничкиот центар на Црна Гора, Зоран Терзиќ за ТВЦГ изјави дека состојбата на пациентот со сериозни повреди на главата е благо подобрена, но оти тој сè уште е во животна опасност. Вториот пациент има повреда на црниот дроб и органите на абдоминалната празнина и е во стабилна состојба, а во стабилна состојба е и третиот пациент со повреда на главата, вратот и десната надлактица
Кај еден од тројцата пациенти кои се лекуваат во Клиничкиот центар на Црна Гора (КЦЦГ) како последица на пукотниците во Цетиње, е забележано подобрување, но тој сè уште е во животозагрозувачка состојба, јави РТЦГ.
Докторот на КЦЦГ, Зоран Терзиќ за ТВЦГ изјави дека пациентот со сериозни повреди на главата сè уште е во животна опасност, но утрово неговата здравствена состојба е благо подобрена.
„Вториот пациент има повреда на црниот дроб и органите на абдоминалната празнина и е во стабилна состојба. Во стабилна состојба е и третиот пациент со повреда на главата, вратот и десната надлактица“,
рече Терзиќ.
Во ТВЦГ рано утринава беше пријавено дека пациентите повредени во престрелката во Цетиње, кои се сместени во Општата болница Данило Први, се во стабилна општа здравствена состојба.
Во масакрот кој на 12 август се случи во црногорско Цетиње, беа убиени вкупно 11 лица, меѓу кои и напаѓачот Вук Бориловиќ, а шестмина беа ранети. Меѓу убиените се и две малолетни деца, едно на осум, а друго на 11-годишна возраст.
Вчера на градските гробишта Цетиње и околните места Бајице, Градац и Љуботињ беа погребани десетте жртви од масакрот, при што голем број граѓани на Црна Гора им оддадоа последна почит на жртвите.
Претходно вчера во Владиниот дом во Цетиње се одржа комеморација за жртвите во масакрот во присуство на семејствата на жртвите, претставници на локалната власт, владата, како и премиерот и претседател на Црна Гора Дритан Абазовиќ и Мило Ѓукановиќ.
Трагедијата која се случи во Цетиње поради која во Црна Гора се прогласи тридневна жалост, се случи на 12 август кога 34-годишниот Вук Бориловиќ со ловечка пушка пукал во семејство, чии членови престојувале во становите од неговата куќа како потстанари. Потоа излегол и со истото огнено оружје пукал кон жителите на населбата, при што им ги одзел животите на уште седум лица, а ранил шест.