Автобус со српски регистарски таблички се преврти вечерва во Бугарија, а за можните причини за несреќата вечерва пред камерата на бугарската телевизија Нова зборуваше патник од автобусот
Официјалната причина за несреќата на автобусот со српски деца во Бугарија сè уште не е позната, но, како што кажа за ТВ Нова една од патничките во автобусот, вниманието на возачот го одвлекло тоа што сакал да му помогне на еден од патниците кој не можел да го тргне потпирачот на седиштето. Возачот, како што рече патничката, се обидел да му помогне на патникот, но ненадејно го свртел воланот надесно и излеталe од патот.
Друг патник од автобусот за БТВ изјави дека во автобусот патувале 36 деца и 13 возрасни. Тие се од Батајница крај Белград и учествувале на фолклорен фестивал во Несебар.
Сведоци од автобусот велат дека возачот застанал на бензинска пумпа за да се одмори на десет километри пред местото на несреќата и додаваат коловозот на автопатот бил влажен бидејќи непосредно пред несреќата врнело дожд.
Порталот „БГ-војс“ јавува дека се хоспитализирани 17 патници, од кои најмладиот има шест години. Децата патувале од Несебар и се членови на фолклорниот ансамбл „ЈУ-лира“ од Србија. Мнозинството се од Батајница, наведува бугарскиот портал и додава дека сите патници се државјани на Србија.
Автобус со српски регистарски таблички се преврти вечерва во Бугарија. Несреќата се случи на автопатот „Тракија“ во 8:10 часот на 217 километри од Софија, кај Стара Загора.
Претходно вечерва директорот на болницата во Стара Загора, Јовчо Јовчев, за БТА рече дека седумнаесет повредени деца биле донесени во болницата по несреќата.
„Најмладиот има 6 години, најстариот 17 години. Тројца се со набиеници и гребници, а еден маж има потешка повреда на ногата“,
изјави д-р Јовчев.