Град Скопје испрати препорака до сите такси-превозници на подрачјето на Градот Скопје да ги дезинфицираат такси-возилата на дневна основа пред да се вклучат во сообраќај, а такси-возачите да користат лична заштита, маска и гумени ракавици.
„Дополнително, пратен е и допис до сите претставници на приватните превозници кои се вклучени во јавниот сообраќај во Скопје за интензивирање на активностите за чистење и дезинфекција на нивните возила, како и за потребата за редуцирање на возниот ред кај приватните превозници“,
соопштија од Град Скопје и потсетуваат дека веќе десетина дена се врши дезинфекција на автобусите на ЈСП.
Согласно препораките на Владата, од денеска автобусите на јавниот превоз сообраќаат според редуциран возен ред, идентичен на возниот ред што важи за време на зимскиот, односно летниот училиштен распуст. Редуцираниот возен ред ќе важи во наредните две недели, односно до наредните препораки од надлежните институции.
Исто така, како една од мерките и препораките на Владата за намалено користење на јавниот превоз со цел превенција од ширење на вирусот од денеска нема да важи и одлуката за бесплатен превоз за возрасни лица, жени со 62 години, мажи со 64 години, во вторник, петок, сабота и недела во јавниот превоз и на Жичницата на Водно. Според препораките и поради тоа што наставниот процес е прекинат, од денеска нема да важат ниту бесплатните годишни средношколски и студентски билети за користење на јавниот превоз.