Нашата поддршка за нашите соседи ќе продолжи без разлика дали сме на власт или во опозиција бидејќи овој пат е вистинскиот, вели поранешниот бугарски премиер по повод петгодишнината од потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија
Пред пет години јас и премиерот Зоран Заев покажавме храброст и одговорност за иднината со потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, порачува поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов во порака на социјалните мрежи по повод пет години од потпишувањето на тој Договор.
Од него, според Бирисов, денес може да се каже дека корист имаат и Бугарија и Северна Македонија.
„Скопје е во НАТО и преговара со ЕУ, а ние имаме сосед кој се обврза да ги почитува европските вредности: да ги заштити сите свои граѓани, да престане со дискриминацијата на Бугарите и да отвори економски и културни контакти“,
вели Борисов.
Лидерот на ГЕРБ потсетува и дека неодамна неговата партија го поддржала почетокот на преговори, откако се изјасни дека го поддржува францускиот предлог и дава зелено светло за преговори на Северна Македонија со ЕУ. Исто така, порачува дека партијата ќе ја поддржува земјава без разлика од позицијата во која ќе се наоѓа.
„ГЕРБ пред неколку дена уште еднаш покажа колку одговорно постапуваат политичарите – го поддржавме почетокот на преговорите помеѓу РСМ и ЕУ. Нашата поддршка за нашите соседи ќе продолжи без разлика дали сме на власт или во опозиција бидејќи овој пат е вистинскиот“,
наведува Борисов во пораката на социјалните мрежи проследена со фотографија со Заев од денот на потпишување на Договорот.
Пораката на Борисов доаѓа и во приод кога неговата партија ќе се обиде да се врати на власт откако заедно со другите опозициски партии и со Има таков народ на Слави Трифонов со гласање недоверба ја срушија владата на Кирил Петков.
Откако ниту една партија од актуелниот парламентарен состав не формираше влада, претседателот Румен Радев закажа нови парламентарни избори за 2 октомври и назначи нова преодна влада на чело со Галаб Донев, којашто треба да ја преземе должноста утре.