Мицкоски е подготвен да се сретне и со претставници на Владата или и на нова лидерска средба во Клубот на пратеници да се разговара и да се утврди референдумското прашање
Уште течат консултациите во ВМРО-ДПМНЕ како треба да изгледа референдумското прашање, но лидерот Христијан Мицкоски вели дека блиску се до содржината што шефот на државата Стево Пендаровски ја предложи јавно.
„Јас очекувам, како што тој кажа во јавноста, доколку конвергира суштината на тоа референдумско прашање, Пендаровски да излезе јавно со став и да каже дека ќе излезе и дека ќе гласа заедно со своите соработници, нормално, според своето убедување, дали треба да продолжиме под овие услови, под услови на диктат или под некакви други услови, како што мисли ВМРО -ДПМНЕ и некои други партии“,
изјави Мицкоски при денешната посета на Петровец.
Тој кажа дека очекува поддршка не само од претседателот Стево Пендаровски, туку и од сите политички партии, вклучувајќи ги партиите на Албанците во опозиција, како и од МАНУ, од универзитетите и од верските заедници.
Мицкоски е подготвен да се сретне и со претставници на Владата во врска со референдумското прашање или и на нова лидерска средба во Клубот на пратеници да разговараат и да го утврдат референдумското прашање.
„Секој од Владата што сака да се консултира, подготвени сме да појдеме на состанок, на нова лидерска средба да го утврдиме референдумското прашање. На следната седница на Извршниот комитет ќе излезам со позиција откако ќе завршат консултациите и со коалициските партнери, бидејќи сакам да го слушнам и нивното мислење, многу значаен сегмент од коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, да излеземе пред членовите на ИК и пред ЦК и во секое време и стоиме на Владата на располагање, да разговараме за референдумското прашање. Нема бегање од ова“,
кажа Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ е за задолжителен референдум.
„Формално правно гледам има јавна дебата од страна на власта и од оние инсталации на власта во опозицијата, чија заедничка цел е да не успее овој референдум, а тоа е да нема 50 проценти плус 1 од бројот на избирачи кои се дел од избирачкиот список. Само тие имаат единствена желба – референдумот да не успее. Нашата суштина е што повеќе граѓани да излезат на референдум. Доколку власта одлучи да не го бојкотира референдумот, јас сум убеден дека ќе биде успешен“,
вели Мицкоски.
Шефот на државата во интервју за неделникот „Фокус“, даде предлог како да гласи референдумското прашање доколку се одржи референдумот што го најавува опозицијата по усвојувањето на „францускиот предлог“. Според Пендаровски, референдумското прашање треба да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“, без да се споменуваат договорите.
Опозициската партија најави дека ќе собира 150.000 потписи за референдум за тоа дали граѓаните сакаат да одат во ЕУ под вакви услови, во контекст на потпишаниот протокол со Бугарија.