За да се изврши вонреден надзор потребно е подносителот на барањето до Комората да достави писмена пријава и комплетна документација за случајот, која, како што велат од Комората, често се доставува некомплетна или со задоцнување, што може да биде една од причините за доцнење на надзорот. Оттаму се жалат и дека немаат доволно човечки капацитет за да одговорат на сите барања
По случајот со „Жан Митрев“, за кој во јавноста имаше жестоки реакции против надлежните институции, како и Лекарската комора, оттаму денеска преку соопштение велат дека пред сè жалат за личните трагедии и остануваат отворена за соработка во рамките на она што се нивни законски надлежности, со цел брзо и ефикасно расветлување на сите случаи кои упатуваат на пропусти во постапките за лекување на пациенти со ковид-19.
Во однос на прозивките за одземање на лиценца за работа, од Лекарската комора посочуваат дека за да се случи тоа, прво треба да има судска пресуда за сторено кривично дело.
„Кога е во прашање стручноста на лекарот законот предвидува привремено и трајно одземање на лиценцата, кое во двата случаи се прави ако постои соодветна судска пресуда со која се докажува дека докторот сторил кривично дело поврзано со здравствената дејност или сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот.
Одземањето на лиценца за работа е сериозен чин поради што и Законот предвидува тоа да се прави само во случај на постоење на судска пресуда со која се докажува дека лекарот сторил кривично дело. Одземањето на лиценца не може да се прави по лично убедување на поединци без да се докажат поставените сомневање, бидејќи тоа би бил сериозен атак на професијата и можност за злоупотреби. Лекарската комора во овој дел постапува максимално стручно и одговорно и ги процесира сите предмети за кои е добиена соодветна судска пресуда“,
велат од Лекарската комора.
Оттаму велат дека Законот за здравствена заштита ѝ дава на Комора овластување за вршење на редовен стручен надзор кој се врши по однапред утврден годишен план за стручен надзор над работата на здравствените установи и здравствените работници, а за кој согласност дава министерот за здравство. Вонреден стручен надзор може да се изврши на барање на државен орган, пациент или член на неговото семејство.
За да се изврши вонреден надзор е потребно подносителот на барањето до Комората да достави писмена пријава и комплетна документација за случајот, која, како што велат од Комората често се доставува некомплетна или со задоцнување, што може да биде една од причините за доцнење на надзорот. Се жалат и дека немаат доволно човечки капацитет за да одговорат на сите барања.
„Од започнувањето на пандемијата со ковид-19 до Лекарската комора се поднесени поголем број барања за вонреден стручен надзор. На овие барања не може да се одговори со очекуваната динамика, бидејќи во комисиите кои треба да го направат надзорот се ангажираат лекари вработени во здравствените установи кои беа и се ангажирани со поголем интензитет на работните места поради зголемениот број на пациенти.
За секоја пријава се формира посебна комисија која брои три члена, а изборот на специјалноста на лекарите кои се нејзини членови се прави врз основ на тоа за каков случај станува збор. Во комисиите поврзани со случаите со ковид 19 требаше да се вклучат инфектолози, пулмолози, анестезиолози, кои се дефицитарни специјалности и кога станува збор за лекување на пациентите, за лекарите тоа е приоритет во однос на ангажманот во стручниот надзор.
Исто така, треба да се разграничи и дека стручниот надзор не е судско вештачење, односно тој не прави реконструкција на настаните, туку ја констатира состојбата врз основ на расположлива документација и замени изјави од доктори и други здравствени работници кои активно биле вклучени во лекувањето и третманот на пациентот и дава стручно мислење“,
потенцираат oттаму.
Во однос на извршувањето на стручниот надзор во услови на пандемија, Лекарската комора го известила и Министерството за здравство и велат дека се во комуникација со цел да се изнајде решение кое ќе ја направи работата на комисиите побрза и поефикасна.
Оттаму обвинуваат дека тенденциозно е системските проблеми кои постојат во здравствениот систем од каде најчесто произлегуваат причините за незадоволството на пациентите и пропустите во лекувањето, по правило да се препишуваат на стручноста на лекари и на раководството на Комората.
„Тоа е тенденциозно, неоправдано и што е најважно не носи решение за надминување на состојбите и спречување на можностите проблемите да се повторуваат. Тие предизвици треба да се решаваат со транспарентен и отворен пристап од страна на креаторите на здравствените политики, со вклученост на сите засегнати страни, во што лекарите како практичари во целиот процес може да дадат голем придонес, бидејќи сите имаме заедничка цел – создавање на подобар здравствен систем, како за пациентите, така и за здравствените работници“,
велат од Лекарската комора.