Според Маричиќ, има согласност од Бугарија, доколку се прифати овој пакет, да се потпише договорот со Фронтекс, којшто е договор со Европска Унија, не само со Бугарија, во кој, исто така, ќе пишува македонски јазик
Компромисот во предлог-преговарачката рамка е многу едноставен – гаранција на македонскиот јазик и идентитет и почнување на преговорите, од една страна, и внесување на бугарската заедница во Уставот, од друга страна, пред продолжување на преговорите пред втората меѓувладина седница, изјави вечерва вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
„Ова е компромис што ние го правиме заради нас, не заради Бугарија, не заради некој друг“,
изјави Маричиќ во интервју на Канал 5 телевизија.

Тој нагласи дека во предлогот не постои точка што го негира нашиот јазик.
„Секој граѓанин, секој пратеник, да ги погледне документите, да најдат една точка во овој предлог што го негира нашиот јазик, што ни наметнува некаква асимилација или бугаризација, како што се вели на протестите, и што ни го оспорува правото да говориме македонскиот јазик и да се наречеме Македонци. Нема такво нешто“,
рече тој.
Според Маричиќ, имаме согласност од Бугарија, доколку го прифатиме овој пакет, да го потпишеме договорот со Фронтекс, кој, како што рече, е договор со Европска Унија, не само со Бугарија, во кој, исто така, ќе пишува македонски јазик.
„Тоа ни е гаранција дека Бугарија нема да се противи на формулацијата македонски јазик во документите на ЕУ, што беше наша цел“,
нагласи Маричиќ.
На крајот на процесот, посочи тој, македонскиот јазик, според сето ова, ќе се официјализира како службен јазик на Европската Унија.
„Ние ништо друго и нема да прифатиме, ниту можеме да прифатиме. Доколку во кој било момент добиеме непристоен предлог за јазикот и идентитетот, ние имаме целосно право и да ги напуштиме и да ги прекинеме преговорите“,
рече тој.
Маричиќ смета дека никој не може да не натера да се асимилираме и тоа не може да се случи, затоа што, според него, никој не може во денешно време да го асимилира нашето чувството како Македонци или било чие етничко чувство или кој јазик го говори.
Според него, жално е што се дозволи, пред сè, под влијание на опозициската коалиција ВМРО-ДПМНЕ и Левица, прашањето за почеток на преговорите на земјава со ЕУ да биде прашање на некаква вербална битка, но и тензична атмосфера помеѓу нас и Бугарија.
„Мислам дека, за жал, се злоупотреби целата оваа ситуација, затоа што – точно е, имаме билатарален спор, бевме доведени во една незгодна ситуација, меѓутоа, суштината на овој процес, а тоа го кажа и претседателката на ЕК која се обрати денес во нашето Собрание, е дека ни се отвора вратата што 17 години беше затворена. Претседателката Фон дер Лајен денеска кажа дека доколку се прифати овој пакет, преговорите започнуваат веќе наредната недела“,
истакна Маричиќ.
Тој додаде дека нема гаранција дали некоја бугарска влада за 10-15 години ќе прави проблеми.
„Дали е тоа доволна причина да не тргнеме во преговори, дали е тоа доволна причина да стоиме во место уште 17 години, само затоа што има опасност некоја држава да не блокира во иднина, нашиот јазик и идентитет зависи само од нас и ние нема никогаш да се откажеме од тоа, ниту оваа ниту која било идна влада, тоа е зацртано во декларацијата усвоена во Собранието, во Уставот и во овие заклучоци за усвојување по оваа информација“,
рече Маричиќ.
Според него, оставено е доволно простор за опозицијата, со креирање на заклучоците, кои се пред Собранието.
„Со денови го држиме предлогот отворен за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, дел од работите од неформалните комуникации ги внесовме, меѓутоа одговорноста, сепак, е на нив. Многу поодговорно е наместо да влезат во креирање на некоја популистичка и националистичка реторика и оваа претстава што ја прават денеска во Собранието, да се понесат одговорно, да седнеме, да најдеме начин, бидејќи ова е национална задача. Ретко која држава има тежок пат како нас, сега сме на чекор да влеземе во нова фаза, од која не може да се вратиме назад. Тој пат завршува со членство во ЕУ, а ние треба да одлучиме со која динамика тоа ќе се случи“,
порача вицепремиерот и меѓународен секретар на СДСМ, Бојан Маричиќ, во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.