Вашето сценарио синоќа резултираше со над 40 повредени полицајци и над десетина приведени, 27 април нема да се повтори, вели премиерот во пораката до, како што ги нарекува, потпалувачите на протестите
По синоќешната ескалација на протестите против францускиот предлог, премиерот Димитар Ковачевски утрово излезе со осуда за нападот врз полицајците порачувајќи дека насилството и омразата не се решение. На, како што вели тој, потпалувачите на протестите им порачува да не манипулираат со млади луѓе за да си задоволат политичките апетити.
Според премиерот, тоа што синоќа се случило пред Собранието не е вистинското лице на европска Република Северна Македонија, земја членка на НАТО.
„Протестите се демократско право на секој граѓанин, но насилството не може да се оправда со ништо. Најостро го осудувам нападот врз полицијата која синоќа беше на висина на својата задача, професионално штитејќи ги граѓаните и државните институции. Насилството и омразата не се, и не може да бидат решение на ниту еден проблем. На потпалувачите на протестите ќе им порачам – не манипулирајте и не злоупотребувајте млади луѓе за да ги задоволите вашите политички апетити. Вашето сценарио синоќа резултираше со над 40 повредени полицајци и над десетина приведени. 27 април нема да се повтори!“,
вели Ковачевски.

Според официјалните информации што синоќа ги соопшти МВР во врска со протестите, биле повредени 47 службеници, од нив 11 со потешки повреди, а двајца со сериозни повреди. На повредените полицајци им била укажана лекарска помош, а потешко повредените биле пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и понатамошно лекување.