Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со раководството на МВР и БЈБ, утринава ќе ги посетат хоспитализираните полициски службеници кои беа повредени за време на вчерашниот протест пред Собранието на Република Северна Македонија.
Според официјалните информации од Министерството, на синоќешниот протест биле повредени 47 службеници, од нив, 11 со потешки повреди а двајца со сериозни повреди. На повредените полицајци им е укажана лекарска помош, а потешко повредените биле пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и понатамошно лекување.
Протестот се оддржа во период од 19:00 пред Владата, продолжи пред Министерството за надворешни работи, а заврши пред Собранието каде толпата граѓани директно се судри со полициските службеници кои го обезбедуваа законодавниот дом.
Од МВР апелираа до организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, протестите да бидат мирни и демократски, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста. Преку насилство кон оние коишто го одржуваат редот, кон македонската полиција и објектите на институциите, не се постигнува ништо; дијалогот треба да се води во институциите на системот, велат од МВР