Прашана дали има нов француски предлог за решавање на спорот меѓу С Македонија и Бугарија за почеток на преговорите за ЕУ, кој би се разликувал од веќе одобрениот во бугарскиот парламент, шефицата на бугарската дипломатија во оставка Теодоро Генчовска за БГНЕС кусо одговорила: Не.
„Се зависи од подготвеноста на Скопје. Од нив очекуваме државна и одговорна политика. Бугарија е подготвена да го потпише најновиот протокол од Мешовитата меѓувладина комисија“,
рекла Генчовска, како што објави БГНЕС.
На потпрашањето во врска со подготвеноста тоа да се стори уште денеска, Генчовска за БГНЕС посочила дека дека и тоа зависи од Скопје.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон на денешната прес-конференција во Мадрид изјави дека изминатите два дена биле направени сериозни консултации врз основа на кои е изнајдено компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на сите страни, во интерес и на Бугарија и на Северна Македонија, решение кое е прифатливо за сите. Тој спомена и дека Радев и Петков се согласиле со тој предлог, но дека во Скопје мора да се направат консултации.
Со ист став како Макрон излегоа и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел и шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок. Двајцата посочија дека постои компромисен француски предлог, кој според Мишел претставува „решение кое ги адресира забелешките“ а за Барбок е „шанса која С Македонија не смее да ја пропушти“.
Претседателот Пендаровски, премиерот Ковачевски и министерот за надворешни работи Османи во своите денешни јавни настапи соопштија дека се прифатени забелешки кои ги имаше С Македонија кон работната верзија на францускиот предлог и тие не се дел од новото, модифицирано и конечно решение кое од француското претседателство доставено до Владата на С Македонија.