Претседателот на Франција, Емануел Макрон, на прес-конференција во Мадрид, на Самитот на НАТО, изјави дека е уверен оти е најдено компромисно решение за спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, јави дописничката на МИА од Брисел.
„За прашањето на пристапувањето на Северна Македонија, ги продолживме нашите консултации со македонските и бугарските власти затоа што нашата заложба за европската перспектива на Западниот Балкан е да можеме да ги отвориме првите поглавја за С Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој. Во интерес на Бугарија и на Северна Македонија, прифатлив за сите“,
изјави Макрон.
Тој изрази надеж дека разгледувањето на предлогот од двете страни во следните денови ќе го потврди ова.
„Претседателот на Бугарија и премиерот потврдија дека го прифаќаат предлогот. За ова ќе има консултации во Скопје. Ова решение носи безбедност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото“,
нагласи Макрон.