Пратеничката од мнозинството, Даниела Марковска, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет нагласи дека ова е предвидено со покачувањето на минималната плата на 18 000 денари и ја повика опозицијата да не ја замајува јавноста и дека граѓаните го чекаат усвојувањето на ребалансот
Ветивме дека ќе ги зголемиме платите и во администрацијата во период од шест месеци и тоа и ќе го направиме со измени во законот, исто како што направивме со зголемувањето на минималната плата на 18 000 денари, порача денеска пратеничката од редовите на СДСМ, Даниела Марковска, за време на амандманската расправа по однос на ребалансот на Буџетот која се одвива во собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Марковска, како што се наведува во соопштението на партијата, нагласи дека ова е предвидено со покачувањето на минималната плата на 18 000 денари и ја повика опозицијата да не ја замајува јавноста и дека граѓаните го чекаат усвојувањето на ребалансот.
„Бидете колегијални и коректни во целата оваа ситуација, соработувајте ако мислите дека треба да им излеземе в пресрет, и ние како парламентарно мнозинство и вие како пратеници од опозицијата на граѓаните кои го чекаат ребалансот, во кој има многу мерки за помош во ситуацијата во којашто се наоѓаме“,
нагласи пратеничката.
Таа, како што соопштија од партијата, меѓу другото, нагласи дека СДСМ работи за поддршка на граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ се тие што две години ги блокираат и работата на Комисиите и законите, поттикнуваат омраза, во оваа најсериозна ситуација во Европа со економската крiза.
Инаку, денеска е шестиот од вкупно предвидените десет дена кои според собранискиот Деловник се предвидени за расправа за Буџетот во матичната Комисија. Од вкупно 204 амандмани кои се поднесени во насока на ребалансот на Буџетот, досега се разгледани само 13, а ниту еден од нив не е усвоен.
Меѓу амандманите кои се разгледани, а не се усвоени, е и амандманот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) кој е во насока на линеарно покачување на платите во јавниот сектор во износ од 2 806 денари.
Поради неусвојувањето на амандманот на ССМ од страна на пратениците, Синдикатот од денеска го започна најавениот генерален штрајк секаде онаму каде е синдикално организиран, односно во војската, полицијата, образованието, здравството, комуналните претпријатија, општините, управата, администрацијата.
Со 120 столчиња пред Собранието – број што го симболизира бројот на пратеници – денеска претставниците на ССМ симболично го означија почетокот на генералниот штрајк во јавниот сектор, повторувајќи ги уште еднаш барањата за линеарно покачување на платите и враќање на правото за регрес за годишен одмор од идната година.
Откако протестираа и пред Собранието, на претставниците на Сојузот на синдикати им се придружиле и пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде посочија дека го прифатиле повикот за средба со ССМ и излегле пред законодавниот дом.
„Ние како пратеничка група го поднесовме амандманот на ССМ со кој требаше во предлог ребалансот на Буџетот за 2022 година да се обезбедат средства за линеарно покачување на платата на јавната администрација за 2 806 денари но за жал, мнозинството го одби. Не може народните претставници да бегаат од работникот и синдикатите. Доста е со лажни ветувања. Веднаш да се реализираат дадените ветувања, уште еднаш го повикуваме мнозинството да го преиспита својот став и да го поддржи комисискиот амандман“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
