Жалам што сите осомничени не се тука, но јас сум тука и веќе 16 месеци сум во притвор. Исправен сум пред овој суд затоа што сум убеден дека ќе ја докажам мојата невиност.
Вака ексминистерот Миле Јанакиески ги започна своите воведни зборови во случајот за организаторите на настаните од 27 април 2017 во Собранието, во кој тој е еден од обвинетите.

За разлика од обвинителката Вилма Русковска и обвинетиот екссобраниски спикер Трајко Вељаноски, кои го цитираа Гоце Делчев, Јанакиески во својот говор го цитираше поранешниот американски претседател Барак Обама.
„Ако чекориш по патот на правдата, ќе дојдеш до правната цел“, е мислата што ја цитираше Јанакиески на почетокот.
Зборувајќи за доказите и сведоците што ќе ги повика на сослушување за да ја докажува својата невиност, тој го најави и предлогот да биде повикан Ѓорге Иванов.
„Преку распит на поранешниот претседател Ѓорге Иванов ќе разјасниме многу околности кои се дел од овој обвинителен акт“,
рече Јанакиески.
Тој најави дека како сведоци ќе повика и обвинители кои првично го воделе случајот „27 април“, како и тогашното партиско раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
„Предлагам и сведоци кои воопшто не ги познавам и не знам што ќе кажат, но преку нивниот исказ ќе потврдиме дека не сум имал комуникација со него“,
рече ексминистерот.
Во својот говор тој го оспоруваше и исказот на Александар Василевски-Нинџа, осуден во првиот предмет за настаните од 27 април.
„Ќе докажеме дека не е точен делот на обвинението кој целосно се базира на изјавата на Нинџа, кое е ‘копи-пејст’ на неговата изјава. Целокупната негова изјава е лажна и мотивирана од лица кои го смислиле овој обвинителен акт“,
рече Јанакиески.
Преку базните станици кои ќе ја покажат локацијата на мобилните телефони, тој тврди дека ќе докаже оти не биле со Нинџа во исто време во штабот на ВМРО-ДПМНЕ за кога Нинџа тврдеше дека слушнал како се даваат насоки.
И тој, како и Спиро Ристовски, негираше дека го познава ексразузнавачот Никола Бошковски, па во таа насока дури побара и СЈО, кое според него има најмногу негови прислушувани разговори, да извади ако има барем еден со Бошковски за да се види дали воопшто некогаш комуницирале.
Јанакиески испрати апел и до републичкиот обвинител Љубомир Јовески. Од него побара да го повлече ова обвинение, да ја види неговата изјава дадена во обвинителството во фаза на истрагата и врз основа на неа да отвори нова истрага. Инаку, таа изјава, како што рече Јанакиески, во обвинителството е на цели 50 страници и побара ако може да биде достапна за јавноста.
„Сегашните и идните генерации мора да ја знаат вистината за настанот“,
порача Јанакиески на крајот на воведните зборови.
Одбраната на Атанасовски: Сакавме да бидеме првите обвинети кои доброволно се пријавиле да им се суди во Хаг
Поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, немал никаква намера да го загрози уставниот поредок, туку, напротив, сторил сè што е во негова моќ да го одбрани од сите внатрешни и надворешни влијание, порача неговиот адвокат Јордан Апостолски во воведните зборови за овој обвинет.

Тој тврди дека неговиот клиент не презел никакви дејствија на организирање на кој било од лицата од настаните ма 27 април 2017.
Апостолски посочи и дека тие како одбрана сакале да им се суди пред судот во Хаг.
„Од македонските органи на прогонот очекувавме да ни разјаснат што бараат странски разузнавачи на тој ден таму, што бараа други безбедносни структури и кој навистина е вмешан во тој настан. Наместо расветлување на настанот и да видиме кои се вистинските организатори, кои биле поттикнувачи, нарачатели и извршители, ние добивме обвинение засновано на неколку вибер-пораки и врз основа на сведочење на лице наречено Нинџа. Поради овие причини, уште во фаза на оцена на обвинителен акт побаравме овој предмет да биде отстапен на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, да бидеме првите обвинети кои доброволно се пријавиле на тој суд“,
рече Апостолски.
Обвинетиот Атанасовски, пак, не зборуваше во судница и рече дека останува на завршите зборови на неговиот адвокат.
*Поврзани вести
Спиро Ристовски: Јас не ја прaтив пораката „Сите членови доаѓајте пред Собрание, сега е моментот“
Оливер Спасовски денеска сепак нема да сведочи за „27 април“