Овој фејсбук-статус на Османи доаѓа откако пратеникот и претседател на собраниската Комисија за надворешни работи, Антонијо Милошоски, испрати писмо до него и до премиерот Ковачевски во кое бара овие документи за Бугарија, за кои тврди дека шефот на дипломатијата и премиерот ги поседуваат, да ги достават до Собранието и утре да се одржи собраниска расправа
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на Фејсбук напиша дека досега не е добиен францускиот предлог како можно решение за блокадата на Бугарија, а во врска со протоколот што се споменува во јавноста, посочува дека тоа можеби ќе претставува записник од одржувањето на Меѓувладина комисија меѓу С Македонија и Бугарија, предвидена со Договорот за добрососедство од 2017 година.
„Прво – формално досега не е добиен Француски предлог како можно решение за блокадата од страна на Бугарија, затоа што прво се добиваат мислењата на земјите членки на ЕУ, со кои ние сме во постојана комуникација; оттука нема можност каков било предлог да се достави до Собранието и/или неговите тела. Второ – евентуален протокол, кој се спомнува како веќе готов документ, можеби ќе претставува записник од одржување на Меѓувладина комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија, која е предвидена со Договорот за пријателство од 2017 година. Засега е одржана само една седница на оваа Комисија во 2019 година, и овој записник, кој е единствениот протокол засега, е јавно достапен веќе три години. Оттука нема финализиран записник затоа што не е одржана втората седница на Меѓувладината комисија“,
пишува Османи.
Овој фејсбук-статус на Османи доаѓа откако пратеникот и претседател на собраниската комисија за надворешни работи, Антонијо Милошоски, испрати писмо до него и до премиерот Ковачевски во кое бара овие документи за Бугарија, за кои тврди дека шефот на дипломатијата и премиерот ги поседуваат, да се достават до Собранието и утре да се одржи собраниска расправа.
„Јас секогаш сум одговарал позитивно на поканите за настап на Комисијата за надворешна политика, иако не секогаш таму сум се чувствувал добредојдено и пријатно ниту, пак, сум наоѓал на соработка кога се работи за сослушување на избраните амбасадори. Согласно агендата, согласен сум наскоро да утврдиме термин и да ги претставам сите прашања од домен на надворешната политика, но притоа, да го повикам претседателот на Комисијата да ја закаже седницата за избор на неколку клучни амбасадори чие упатување непотребно е стопирано преку незакажување седница на Комисијата за нивно сослушување“,
потенцира Османи.