Во време кога Киев чека официјален одговор на барањето за кандидатски статус на земјата за членство во Европската Унија, украинскиот претседател Зеленски во синоќешното обраќање рече дека тој и неговите советници очекуваат поголема непријателска активност од Москва, но додаде оти неговите сили се подготвени за секој нов напад
Украинскиот претседател Володимир Зеленски доцна синоќа предупреди дека Русија ќе ги интензивира нападите врз неговата земја во наредните денови, во време кога Киев чека официјален одговор на барањето за кандидатски статус на земјата за членство во Европската Унија (ЕУ).
Минатата недела, Европската комисија препорача Украина да добие кандидатски статус како прв чекор на долгиот пат кон членство во ЕУ. Препораката на Европската комисија ќе ја разгледаат лидерите на 27 земји членки на 23 и 24 јуни (овој четврток и петок) на самитот во Брисел.
Но, Зеленски предупреди дека одлуката може да доведе до зголемување на руските напади врз неговата земја, објави британската телевизиска мрежа Би-би-си.
Во синоќешното обраќање од Киев, Зеленски рече дека тој и неговите советници очекуваат поголема непријателска активност од Москва, но додаде оти неговите сили се подготвени за секој нов напад.
Тој вети дека ќе ги продолжи, како што рече, историските амбиции на Украина за пристапување во ЕУ, што минатата недела беше одобрено од Европската комисија – извршното тело на Унијата.
„Мислам дека на сите им е очигледно дека има малку такви судбоносни одлуки за Украина од 1991 година како што очекуваме сега“, рече Зеленски,
наведувајќи ја годината кога Украина прогласи независност од Советскиот Сојуз.
„И јас сум убеден дека само позитивна одлука ги исполнува интересите на цела Европа“,
додаде тој.
Рускиот претседател Владимир Путин во петокот изјави дека нема ништо против амбициите на Украина да стане членка на ЕУ, но неговиот портпарол Дмитриј Песков предупреди дека секој чекор кон пристапување ќе бара зголемено внимание од Москва.
Зеленски ги предупреди членките на ЕУ дека и тие би можеле да очекуваат одмазда од Русија во наредните денови.
„Очигледно треба да очекуваме поголема непријателска активност од Русија. И не само против Украина, туку и против другите европски земји“,
додаде претседателот на Украина.
Неговото предупредување беше дадено во време кога руските сили ја напаѓаат источна Украина.
Руските сили во регионот се обидуваат да ја преземат целосната контрола над Донбас, област која веќе беше делумно во рацете на проруските сепаратисти пред да избие конфликтот.