Во документот што Љубљана им го поднесе на другите 26 земји членки се бара отпочнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија, визна либерализација за Косово и кандидатски статус за Босна и Херцеговина. Шефицата на словенечката дипломатија Тања Фајон предупреди дека процесот на проширување е доведен под прашање и дека ги поддржува сите напори за Северна Македонија, Албанија, Косово и БиХ
Словенечката влада поднесува предлог до Европската Унија за да се забрза процесот на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, во контекст на кандидатскиот статус за Украина и Молдавија што минатата недела беше препорачан од Европската комисија.
Ова, како што јави дописничката на МИА од Брисел, утрово го потврди новата министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, која изјави дека Словенија го поддржува кандидатскиот статус за Украина и Молдавија, но оти не смее да се заборави Западниот Балкан во тој процес, за политиката на проширување на ЕУ да остане кредибилна.
Во документот што Љубљана им го поднесе на другите 26 земји членки се бара отпочнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија, визна либерализација за Косово и кандидатски статус за Босна и Херцеговина.
Шефицата на словенечката дипломатија предупреди дека процесот на проширување е доведен под прашање и дека ги поддржува сите напори за Северна Македонија, Албанија, Косово и БиХ.
Поддршка за Северна Македонија и Албанија се очекува да дадат повеќе министри за надворешни работи на ЕУ денеска, меѓу кои Австрија, Германија и повеќе источноевропски земји.
Што се однесува до кандидатскиот статус за Босна и Херцеговина, пак, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, минатата недела изјави дека БиХ треба да ги исполни зацртаните 14 приоритети договорени со ЕУ и дека доделувањето статус на кандидат без тоа би било рамно на попуст.
Косово од своја страна останува непризнаено од пет земји членки на ЕУ, што ги отежнува преговорите за визна либерализација. Косово е единствената земја во регионот чии граѓани сѐ уште мора да патуваат со визи во ЕУ и Шенген.