Премиерот порача дека избори нема да ги решат проблемите, а за заканите од опозицијата дека ќе ја блокира државата тој посочи дека закони во парламентот се блокираат веќе две години, како и дека претходно антикризни мерки биле носени во услови кога имало блокади. Ќе ви кажам како ќе функционираме, рече тој и дополни: „Како и досега“

Владината коалиција е стабилна и предвремени избори ќе нема. Опозицијата да ги преиспита деструктивните политики и позициите на блокада. Потребно е справување со кризата преку нови мерки.
Ова е клучните пораки што ги испрати премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција со коалициските партнери по одржаниот состанок во Владата.
На состанокот, како што рече, усвоиле и потпишале Декларација за обезбедување стабилност за граѓаните, домашната економија и бизнис секторот во услови на глобална криза.
„Целта на оваа Декларација е да даде дополнителна и цврста гаранција, но и јасна политичка посветеност за прилагодување на политиките на неопходноста од справување со негативните последици од најголемата криза после Втората светска војна. Оттука, сите заеднички заклучивме дека предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните туку ќе ги продлабочат. Затоа, го затвораме ова прашање. Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Во наредниот период продолжуваме со одговорот на кризата, преку испорачување нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ и ОДИХР“,
рече Ковачевски.











Исто така, премиерот кажа дека во однос на евроинтеграциите ги реафирмирале позициите кои се дефинирани во резолуцијата усвоена во парламентот, а последниот француски предлог за надминување на спорот со Бугарија не сакаше да го коментира додека прво меѓусебно не го усогласат земјите-членки. Исто така, порача дека ја реафирмирале и посветеноста во почитување и спроведување на Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија.
Во однос на вчерашниот протест на ВМРО-ДПМНЕ пред владата од каде лидерот Христијан Мицкоски прача дека ако нема избори, тогаш ќе ја блокираат цела држава, Ковачевски рече дека со коалициските партнери ги отфрлаат ваквите деструктивни политики.
„Целосно ги отфрламе деструктивните политики на дел од опозицијата за блокади на институциите и ги повикуваме да ги преиспитаат и променат досегашните позиции за блокада на законодавниот дом. Политичкиот дијалог со опозицијата треба да се одвива на конструктивно ниво, во рамки на демократски избраните институции околу прашањата од највисок национален интерес. Легитимно право е на опозицијата да ги користи сите демократски методи за политичка борба со власта, меѓутоа уцените за предвремени избори и обидите за блокада на законодавната власт ги оценуваме како неразумни и во најлош можен тајминг и целосно против интересите на македонските граѓани и држава. Граѓаните во оваа владина коалиција имаат стабилен партнер кој им служи на нивните потреби“,
рече премиерот.
Уцени, повтори тој, не прифаќа, и ја обвини опозицијата дека е единствена во Европа која наместо во Собранието низ дијалог да направи повеќе за граѓаните, единствено што прави е блокирање на законите кои се од интерес на граѓаните.
Според Ковачевски, блокадата не е ништо ново бидејќи ВМРО-ДПМНЕ блокира закони во Собранието веќе две години, а веќе видено е, рече тој, и блокирањето на општините за што како примери наведе тоа што во одредени региони во Скопје немало градски превоз, неспособноста на градската власт да менаџира со парното греење, неусвојувањето на завршната сметка во Општина Тетово …
„Ќе ви кажам како ќе функционираме. Како и досега“,
рече Ковачевски потсетувајќи дека и претходните антикризни мерки биле донесени кога опозицијата блокирала.