Се очекува премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, по завршувањето на состанокот да одржи прес-конференција на која ќе присуствуваат и лидерите на останатите партии. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, порачаа наместо партнерите во Владата да се собираат во израз на паника и нервоза од, како што проценуваат, 70 илјади луѓе на вчерашниот протест, нека се соберат за да распишат избори
Во Владата во тек е средбата на коалициските партнери од власта на која ќе се разговара за се она што е направено изминатите месеци од формирањето на новата Влада. Се очекува да се реафирмира и ставот за одржување на редовни парламентарни избори во 2024 година заедно со претседателските.




По завршување на средбата, како што најави владината прес-служба, премиерот Ковачевски ќе одржи прес-конференција на којашто ќе присуствуваат и лидерите од владината коалиција.
Вчера, опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ одржа протест пред Владата барајќи предвремени парламентарни избори. Доколку ова лето не се постигне договор за избори, најавија блокада на институциите и протести. Денеска од опозициската партија порачаа наместо партнерите во Владата да се собираат во израз на паника и нервоза од, како што проценуваат, 70 илјади луѓе на вчерашниот протест, нека се соберат за да распишат избори.