Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави мобилизација и блокади на парламентот, институциите, патиштата и целиот систем во државата доколку нема предвремени парламентарни избори. Во говорот тој побара поддршка и од Албанците и другите етнички заедници, но и од поддржувачите на тврдото десно крило, од разочараните од СДСМ и од тивкото мнозинство неопределени. Нам, рече Мицкоски, ни е потребна општествена поддршка за целосен триумф врз мафијата во политиката

Барање за предвремени парламентарни избори упати вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на протестот што го организираше опозициската партија пред владината зграда во Скопје.
Доколку нема избори, Мицкоски најави целосна блокада на државата.
„Се поставува прашањето како до избори? Активната блокада во Собранието го даде посакуваниот ефект, ако нема договор за избори, ќе преминеме во фаза на целосна блокада. Таа ќе биде во парламентот, но и на институциите, патиштата, протести низ градовите, на процедурите и системот во распаѓање. Тимови на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги посетат сите градови и села, пратениците заедно со градоначалниците ќе работат на општа мобилизација, изразување незадоволство од политиките и лошата состојба. Ќе се обратиме до земјоделците, професорите, невработените, стопанствениците, ќе побараме да ни се придружат. На ни е потребна општествена поддршка за целосен триумф врз мафијата во политиката“,
рече Мицкоски.
Тој рече дека иако пред неколку месеци понудил тимови за помош во кризата и средба на која ќе се разговара за сите теми, од денеска единствената лидерска средба што ќе ја прифати е таа на која ќе се зборува само за клучните теми и за предвремени парламентарни избори.









Во говорот тој побара поддршка и од Албанците и другите етнички заедници, но и од поддржувачите на тврдото десно крило, од разочараните од СДСМ и од тивкото мнозинство неопределени.
„Се обраќам на целиот народ, на сите граѓани, потребно ни е обединување, општествена поддршка, нема инстант победи, почнуваме од денеска и продолжуваме да се бориме до конечен пад на оваа корумпирана и криминална власт. Ми велат – има ли светло на крајот на тунелот? Јас им одговарам – да, има. Не само што го гледам, туку ве повикувам заедно да чекориме до тоа светло, светлото на крајот од тунелот значи да ја промениме власта и да обезбедиме наша заедничка перспектива и иднина, да ја вратиме надежта и еланот во нашите срца. Овие избори да не бидат избори за власт туку избори со кои ќе обезбедиме иднина и кои ќе бидат референдум за Македонија. Да дојде нова генерација способни луѓе кои ќе направат нов пресврт, нова епоха“,
рече Мицкоски.
Вечерашниот протест ВМРО-ДПМНЕ го организираше под мотото „Премногу е“, а според партискиот лидер премногу е од корупција, поскапување на цените, лошите договори.
„Премногу е поради корупцијата, поради распаднатото здравство, врските во институциите, аферите, селективната правда, поточно неправдата за секој еден граѓанин, поради чекањето, предавствата, лошите предавнички договори. Премногу е поради понижувањата, луѓето кои невини седат во затворите и виновните кои не се во затворите. Премногу е поради поскапувањето, одземената иднина и затоа сме тука и затоа се потребни промени“,
рече Мицкоски.
Тој зборуваше и за бугарското вето и за актуелниот француски предлог кој, според Мицкоски, значи капитулација и бугаризација на рати. Додека тој е претседател на ВМРО-ДПМНЕ, рече, нема да дозволи промена на Уставот за во него да влезат бугарските барања.
Додека траеше говорот на Мицкоски, од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ често се слушаа и скандирања „Христијан, Христијан“, „Македонија, Македонија“, „ВМРО, ВМРО“.
Пред почетокот на официјалниот дел од протестот, партијата организираше и отворено студио од пред владината зграда, кое траеше околу два часа и во кое се обратија партиски претставници кои изнесоа ставови за актуелните политички случувања, економијата, здравството, образованието …
Официјалниот дел, пак, започна со пеење на државната химна од страна на оперскиот пејач Игор Дурловски.
Одлуката за вечерашниот протестот ја донесе Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 17-ти минатиот месец.