Од владејачката партија велат дека не може Мицкоски кој брани криминал од епски размери потврден и со судски одлуки и човек кој едно зборува дома, а друго надвор да биде опција за граѓаните и за иднината. Сите обиди за нови блокади и деструкции на Мицкоски, велат од СДСМ, преземаме обврска повторно да ги поразиме
За владејачкиот СДСМ вечерашниот протест на ВМРО-ДПМНЕ бил неуспешен што пратило јасна слика дека, како што велат, народот е против блокадите и антидржавното однесување на Христијан Мицкоски.
„Слабиот одѕив, лошата организација или со еден збор неуспешноста на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски упати јасна порака. Граѓаните на Скопје и од целата држава вечерва на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ им порачаа дека се против деструкции и блокади, не ги поддржуваат антидржавните делувања и не се за предвремени избори. Ваквата постапка од народот е очекувана за СДСМ“,
велат од владејачката партија.
Според нив, првата цел на денешниот митинг била обид за блокада на државата во клучни моменти и попречување на справувањето со најголемата економска и енергетска криза.
„Таа цел не успеа туку доживеа целосен дебакл. Сите чекори коишто се преземаа во изминатите неколку месеци беа со оваа цел, и за внатрешна употреба во рамки на ВМРО-ДПМНЕ и пропаднатиот митинг покажа дека се прочитани од граѓаните. Не може човекот кој брани криминал од епски размери, потврден со судски одлуки, како ’Талир 2‘, кој незаконски грабал од народот за криминално да го направи Белиот дворец друго да понуди. Човекот кој едно вели дома,а друго надвор не може да биде опција за граѓаните, ниту за иднината“,
сметаат од СДСМ.
Оттаму му порачуваат на Мицкоски дека требало да ја стави пратеничката група во функција на граѓаните и законските решенија за подобар животен стандард, но во услови на криза, смета СДСМ, тој продолжил со тврдоглавоста на штета на граѓаните.
„Ништо ново од Мицкоски, граѓаните тоа го препознаа. Владата предводена од СДСМ и премиерот Ковачевски има план, има решенија. Политиките за подобрување на стандардот на граѓаните и соочување со предизвиците од кризата продолжуваат. Сите обиди за нови блокади и деструкции на Мицкоски преземаме обврска повторно да ги поразиме“,
велат социјалдемократите.